Не сте Вие заостанат премиере, заостанати сме ние

За премиерот Христијан Мицкоски многудетното семејство е патриотски чин, па макар за тоа го сметале заостанат. Но, кој е виновникот за ова што ни се случува? Сите до еден. Сосе Мицкоски и со сите претходни премиери и функционери од која било влада од осамостојувањето досега. Но, виновни сме и сите ние што им го дозволивме тоа, колку и да бевме притиснати во ќоше. Затоа, не грижете се, премиере – не сте заостанати Вие, заостанати сме сите ние.

„Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат, како сакаат нека ме нарекуваат, но формирањето многудетни семејства мора да биде прв приоритет на оваа влада и на сите следни влади“. Ова беше клучната порака на премиерот Христијан Мицкоски кажана на настанот „Демографски трендови – Заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации“. Дефинитивно, соодветен говор за ваков настан, но несоодветен на тоа што ни се случува.

Ако коза лаже, рог не лаже, вели старата поговорка, во случајов поткрепена со добри податоци. Државниот завод за статистика неодамна го објави лаекенските индикатори за сиромаштија за 2023 година. Според оваа статистичка методологија, сиромаштијата кај домаќинства од двајца возрасни и три и повеќе издржувани деца е дури 48,9 проценти. Значи, речиси половина од тие многудетни семејства се сиромашни, имаат под 60 проценти од таканаречениот медијален еквивалентен приход. Сиромаштијата кај двајца возрасни и едно издржувано лице е 14,2 проценти, а кај две возрасни и две деца е 17,8 проценти. Вкупната сиромаштија е 22,2 проценти, а сиромаштијата кај деца до 17 години е 30 проценти. Овие стапки на сиромаштија се по сите направени социјални трансфери, како што е додаток за трето дете, детски додаток… Или, народски кажано: Иди, па раѓај!

На премиерот Мицкоски состојбата му е јасна. Тој убаво елаборираше: „Според последниот попис сме нешто над 1,8 милиони жители. Имаме повеќе од 700.000 редовно вработени и околу 350.000 пензионери. Реално присутното население според сите процени не надминува 1,5 милиони. За 20 до 25 години тоа што ќе им го оставиме на генерациите по нас, ќе биде сериозен предизвик. Зошто? Зашто се плашам дека ќе бидеме држава со под еден милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер, еден вработен“.

Но, кој е виновникот за ова што ни се случува? Сите до еден. Сосе Мицкоски и со сите претходни премиери и функционери од која било влада од осамостојување до сега. Но, виновни сме и сите ние што им го дозволивме тоа, колку и да бевме притиснати во ќоше. Затоа, не грижете се, премиере, не сте заостанати Вие, заостанати сме сите ние. Дозволивме да стигнеме до таа точка младите да ни бидат немотивирани за успех, да го гледаат излезот во странство. Бегаа сами, или пак во бегството ги однесоа родителите и заедно ја напуштија земјата во која со векови се ткаела семејната лоза. Затоа, не е ни чудо што дури и службените податоци зборуваат дека има општини во Македонија од каде што повеќе деца се раѓаат во странство отколку во самата општина. Уште пострашно е што голем дел од оние што останавме, имаме измешано чувство на патриотизам и неуспех и неретко се прашуваме „зошто не заминав“?

Во еден таков хибриден свет, што би рекол премиерот Мицкоски, младите што останаа тука го одложуваат бракот, раѓањето, а многудетните семејства се само фикција. За што да раѓаат многу деца? За да влезат во оние речиси 50 отсто сиромашни семејства, да се задушуваат во загадувањето на Скопје, или некој друг град каде што бескрупулозната урбанизација го уништи и последниот атом на кислород, да се школуваат во образование во кое дури и на некои професори им се поважни брендовите од вистинските вредности, да лепат партиски плакати за да стигнат до државна работа затоа што во приватната новопечените газди ги лекуваат сопствените комплекси?

Многу причини за недоволство се наталожија. Сите паметуваат и сите се амнестираат. Никој не е виновен за тоа што Македонија е на дното во Европа по ниските плати, по лошите патишта, по катастрофалниот градски превоз, но затоа високо котира со корупцијата и политиканството. Сепак, народот казнува, или пак се самоказнува? Во второто тримесечје од 2025 година, во споредба со истиот период од 2024 година, бројот на живородените деца е 3.741 и е намален за 4,2 проценти. Природниот прираст е негативен и изнесува минус 1.135, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица. Дефинитивно, премиерот Мицкоски е добар прогнозер, кај и да е, ќе стигнеме до земја со еден милион население. Но ете, се обиде човекот… Рече: „Формирањето семејство, формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката припадност, на верската припадност“. Па што друго треба да направи еден премиер?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот