Марш на ангелите / скриншот Инфомакс

Не се плашете од притисоци, излезете масовно за поддршка – повикаа родителите на „Маршот на ангелите“

Родителите, роднините и пријателите на 62-те жртви во кочанската дискотеката „Пулс“, денеска повторно излегоа да маршираат на улиците на Кочани. Почетокот на десеттиот „Марш на ангелите“ намерно започна подоцна, испраќајќи симболика на задоцнетата реакција на институциите. Ова воедно беше и прв марш откако родителите на трагично загинатите деца имаа средба со обвинители по покренатото обвинение за случајот.

Денеска, тие побараа и средба со обвинителите во Обвинителството за организиран криминал и корупција, јавно поставувајќи низа прашања.

„Дали акциската контрола е спроведена законски? Дали светлата беа запалени? Дали музиката беше стопирана? Дали службените лица од МВР кои беа таму и видоа дека настанува пожар, воспоставија коридор и ги насочија нашите деца во темницата и и чадот полека да не го напушти објектот. И најпрвин не ги пуштаат да излезат. За потоа кога огнот се повеќе беснееше и се создаде толпа од деца кои сакаат да изле50ат надвор, поли0ајците ја отворија вратата и први пред децата трчаа кон излезот да се спасат. Дали се утврдени неправилности и одговорностите во кои работеле? Дали сите тие лица вработени во МВР кои беа во акциска контрола се повикани на распит и се осомничени? Бараме одговори и одговорност од МВР“, изјави Васка Стојанова, мајка на загинатиот Томче.

Родителите од пред полициската станица во Кочани ги повикаа нивните сограѓани од Кочани масовно да им се приклучат на следниот марш за нивните деца, порачувајќи им да не се плашат од притисоци.

„Уценуваат млади деца, ги застрашуваат да не сведочат. Зашто да не сведочат? Ово ли е право? Ово ли е држава? Моето дете отиде. За кој марширам? За вашите деца, луѓе, за вашите вие што ги имате дома. Оти утре не дај Боже ќе ви се случи и на вас истото. Некој ќе рече партизиран сум. Да, бев член на ВМРО 90-та година кога овде во полицијата ме викаа зашто сум сум ВМРО. А јас од тогаш јас не се исплашив, нема ни сега да ви се исплашам. Имаме ли ние овде некој член да видам на ВМРО-ДПМНЕ од општински комитет, на некој од СДСМ од општински комитет, претседател, секретар да ни се придружи. Зашто не ни се придружуваат?. Не се плашете од смртта, таа не е страшна, страшен е овој живот ние што го живееме другари.  Срамота е да немаме ние овде да немаме да немаме толку луѓе“, се пожали татко на загинато дете во пожарот.

По трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 62 лица, родителите поставуваат прашања за одговорноста и функционирањето на институциите. Нелегалното работење на клубот и пропустите во контролата станаа јавно познати, а истрагата сè уште трае.

На протестот јавно беше прашано Обвинителството и зошто Управата за јавни приходи не ја затворила дискотеката „Пулс“ во декември минатата година кога имала блокирана сметка од претходно. Еден од родителите на маршот кажа дека фирмата МММ Кафе, сопственик на дискотека Пулс, работела со блокирана сметка дури 217 дена. Евидентирана блокада која се уште не е тргната, била заведена на 16-ти август 2024 година.

„Дали УЈП требало да го затвори клубот уште во септември 2024 година? Ако блокадата била заведена на 16-ти август 2024 година, тоа значи дека веќе до крајот на септември управата требало да постапи, а клубот „Пулс“ требало да биде затворен. Но, клубот продолжил да работи и 62 животи беа изгубени. Ова не се технички грешки, ова се системски прашања до истражителите, до јавното обвинителство. Дали е точно дека УЈП не постапила по своја законска обврска, со обврска согласно член 117? Кој во УЈП бил надлежен да го поднесе барањето за стечај и зошто тоа не било направено? Дали некој ја стопирал постапката и ако да, зошто и со каква цел? Дали некогаш даночен инспектор таму, низ годините, направил било каква контрола во објектот, освен онаа која се споменува во декември 2024 година? Дали инспекторката за економски криминал од МВР ги има проверено сите овие нерегуларности или некој во институциите замижал пред нерегуларностите?“, праша еден од родителите на маршот.

Родителите повторија дека трагедијата во Кочани не е последица на една грешка, туку на ланец од институционални пропусти, а секој пропуст мора да биде идентификуван и секој виновник да биде повикан на одговорност.

Семејствата на настраданите во „Пулс“ продолжуваат да бараат правда и велат дека борбата за исполнување на нивните барања продолжува и понатаму.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот