
Не пријавила стан во Скопје, а земала патни трошоци – поранешната членка на Судскиот совет Лорета Георгиева доби кривична пријава
Поранешната членка на Судски совет, Лорета Георгиева доби кривична пријава, за „измама во службата“, која според МВР, во периодот од август 2022 до јануари 2024 година со намера да прибави противправна имотна корист, не пријавила промена на имотната состојба на своето потесно семејство.
Препорачано
Иако нејзината ќерка во 2022 година се стекнала со стан во Скопје, таа не го известила навремено Судскиот совет дека нема право да користи надомест за патни трошоци.
– Пријавената Л.Г., како службено лице – член на Судски совет на Република Северна Македонија, во временски период од 26.08.2022 до 15.01.2024 со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со неприкажување на фактот дека има промени во имотната состојба на членовите на нејзиното потесно семејство, не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет дека нема да користи патни трошоци за патување на релација од Струмица, како место на живеење, до Скопје, како место на извршување на работата и обратно, со што го довела во заблуда Судскиот совет да и исплаќа надоместок на трошоци за превоз согласно точка 4 од Одлуката за начинот на остварување на правата на судиите утврдени во Законот за платите на судиите бр.02-1425/12 од 13.10.2010, а донесена од страна на Судски буџетски совет, согласно одредбите од член 8 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет – се наведува во соопштението од МВР.
Во наведениот период во вкупно 15 наврати и биле исплатени пари како надомест за патни трошоци во вкупен износ од 291.040 денари, за кој износ Георгиева се стекнала со противправна имотна корист, а на штета на буџетот на Судски совет.