
НБА Европа стартува во 2027 година – започнува револуција во кошарката
Се подготвува нешто големо во светот на кошарката. Според најавите од генералниот менаџер на НБА за Европа, Џорџ Ајвазоглу, новото натпреварување под име НБА Европа би можело официјално да започне на есен 2027 година.
Препорачано
“Најраното можно започнување е октомври 2027. Нашата визија е полуотворено натпреварување со 16 екипи — 12 постојани франшизи и 4 кои ќе се квалификуваат преку други лиги. Сакаме да создадеме пирамидален систем, сличен на фудбалот, со Лигата на шампиони и Лигата на Европа како модел. Таа идеја е лесна за разбирање и го наградува спортскиот успех. Сакаме да оставиме простор за изненадувања и спортски чуда, како што беше Лестер во Премиер лигата,“ изјави Ајвазоглу за францускиот L’Équipe.
Клучниот состанок за формирањето на НБА Европа лигата ќе се одржи средината на октомври во Лондон, а поканети се бројни клубови, инвестициски фондови и потенцијални партнери. Од секој клуб што сака да учествува ќе се бара минимална инвестиција од 500 милиони евра, што ја покажува сериозноста и обемот на проектот.
Според достапните информации, српските клубови Црвена ѕвезда и Партизан нема да имаат свои претставници на овој состанок.
Ако се реализира според планот, НБА Европа ќе претставува најголемата промена во светската кошарка во последните децении – континентална лига под покровителство на најсилната кошаркарска организација на планетата.