Илустрација / Фото: Wikimedia commons / Ramon Piñeiro

Научниците откриваат: Луѓето користеле оган за чадење месо уште пред 2 милиони години

Долго пред ерата на електричната енергија, фрижидерите и замрзнувачите, месото се конзервирало со чад. Нова научна студија покажува дека оваа практика датира од пред речиси два милиони години и можеби е дури и главната причина зошто нашите предци почнале да палат оган, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).

Иако создавањето пламен е неразделно поврзано со подемот на човечката цивилизација, во најраните денови било потребно значително време и труд за да се запали и одржи оган. Придобивките од конзервирањето месо можеби биле клучната причина зошто времето и трудот се исплатиле.

Истражувањето, од двајца израелски научници од Универзитетот во Тел Авив, е продолжение на нивната претходна работа што ја поврзува човечката еволуција со ловот на големи животни и намалувањето на големината на тие животни со текот на времето.

За целите на истражувањето, анализирани се девет различни историски места низ Јужна Африка, Кенија, Израел, Етиопија и Шпанија. Истражувачите ги испитале големините на животинските остатоци пронајдени на местата и нивната проценета возраст, при што се смета дека некои од коските се стари речиси два милиони години.

„Процесот на собирање дрва за огрев, палење оган и негово одржување со текот на времето бараше значителен напор, а за тоа им беше потребен убедлив, енергетски ефикасен мотив. Предложивме нова хипотеза во врска со тој мотив“, рекол палеоантропологот Мики Бен-Дор.

Истражувачите забележуваат дека каде и да е пронајден оган на овие локации, имало и остатоци од големи животни – не само растенија и мал плен. Покрај тоа, тие ја пресметале енергетската добивка од готвењето и консумирањето на месото од овој голем дивеч веднаш, во споредба со неговото зачувување.

Комбинацијата од овие фактори дава силни докази дека огнот не бил запален само за цели на загревање, или дека големите животни би биле зготвени веднаш, велат истражувачите.

Енергијата потребна за одржување на оган би ја надминала енергијата од еден или два оброка варено месо.

Пламенот не само што можел да чади и суши повеќе месо за да трае подолго, туку би ги одвратил и другите чистачи кои биле желни да се гостат со храната што ја фаќале раните луѓе – како што се нилски коњ или носорог.

„За раните луѓе, употребата на оган не била дадена, а во повеќето археолошки локалитети кои датираат од пред повеќе од 400.000 години, нема докази за употреба на оган. Сепак, на неколку рани локалитети има јасни знаци дека се користел оган, но нема изгорени коски или докази за печење месо“, рекол Бен-Дор.

„Разбираме дека раните луѓе во тоа време – претежно хомо еректус – не користеле редовно оган, туку само повремено, на одредени места и за посебни намени“, додал тој.

На пример, еден древен слон можел да нахрани неколку десетици луѓе до три месеци, пресметале истражувачите. Тие милиони калории вределе да се заштедат.

„Во оваа студија, предлагаме ново разбирање на факторите што ги мотивирале раните луѓе да почнат да користат оган. Веројатно е дека кога огнот се произведувал за овие цели, тој повремено се користел и за готвење – со нула маргинални трошоци за енергија“, рекол археологот Ран Баркаи.

Истражувањето е објавено во списанието „Граници во исхраната“ (Frontiers in Nutrition).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот