Научен симпозиум на ФМУ: Уметноста ја покажа својата издржливост

Како дел од активностите во делот на науката и истражувачката дејност на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје на 3 декември успешно беше реализиран симпозиумот „Предизвици во културата: Уметност во услови на ковид“.

Симпозиумот „Предизвици во културата: Уметност во услови на ковид“, организиран од ФМУ – Скопје, е дел од проектираните активности во програмата за научна и истражувачка дејност која се реализира во тековната година на ФМУ и опфаќа отворени предавања, работилници и научни собири. Темата за овој симпозиум беше афектирана од потребата да се нотираат состојбите во уметноста за време на пандемијата.

За успешна подготовка и организација на симпозиумот се погрижи Организациски одбор во состав проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска, проф. д-р Драган Даутовски, м-р Елизабет Колевска и Кристина Љушкоска.

– Здравствената криза дојде одненадеж и сосема го наруши нормалниот животен тек условувајќи промени, имплементација на нови норми, протоколи и ограничувања. Уметностите не беа дел од највиталните сфери (како здравството), но дефинитивно беа едни од најзагрозените. Живиот, непосреден контакт на изведувачот со публиката, кој е базичен функционален критериум, беше прекинат. Рестрикциите ги примораа уметниците да пронајдат и понудат нови формати на дејствување, инстантно и ефикасно, во спротивно се закануваше хибернација на културата и нејзините чинители. Во светот сериозно се истражува и веќе се публикувани опсежни студии за феноменот „пандемиска уметност“, така што мојата идеја како иницијатор за реализација на симпозиумот беше и ние локално, во рамки на македонски контекст, да ги фиксираме искуствата и процесите иманентни за овој период – објасни проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска.

Симпозиумот во својот концепт постави мултидисциплинарен третман на проблематиката. Беше направен пресек во однос на изведувачките уметности, каде беа анализирани балетот/танцот, драмските и оперските изведби, фолклорот, нематеријалните културни добра и традицијата, состојбите во ликовната сфера, едукативните установи со уметнички профил, па сѐ до медиумите. Беа компаративно поставени искуствата од институционалната и независната сцена, од фестивалите и самостојните иницијативи и продукции. Овој формат овозможи детално, мултифокално да се скенираат состојбите и да се извлечат некои општоприсутни константи.

Учесници на симпозиумот беа Ана Стојаноска, Нада Пешева, Весна Малјановска, Александар Трајковски, Олга Панго, Ивона Опетческа-Татарчевска, Велика Стојкова-Серафимовска, Александра Кузман, Стојанче Костов, Весна Митевска, Соња Здравкова-Џепароска, Елизабет Колевска, Јована Зајкова и студентите Кристина Љушкоска и Оља Тошиќ.

– Мора да се признае дека општиот впечаток кој се доби следејќи ги различните дискурси опфатени кај излагачите се мошне уникатни решенија кои беа предизвикани од кризата, но сами по себе претставуваат проширување на опсегот на уметничко творештво, освојување на нови простори, модалитети за изразување, техники на интерпретација и креативни алатки.

Заклучокот кој се наметна сумирајќи ги излагањата е дека ковид-пандемијата не можеме да ја толкуваме еднозначно во однос на исклучително негативните ефекти. Дури и од оваа некритична временска дистанца може да се констатираат одредени позитивни трендови кои перспективно треба да се следат. Она што во овој момент со сигурност може да се каже е дека уметноста уште еднаш ја покажа својата издржливост, жилавост, но и адаптабилност кон новите наметнати услови.

Виртуелниот простор, кој особено за живиот уметнички репрезент (актер, пејач, танчер) се чинеше како апсолутно некомпатибилен, дури и контраиндициран, стана место на средба на „карантински“ издвоените чинители на оваа уметничка комуникација.

Денес, кога состојбите се речиси нормализирани во однос на укинување на сите ограничувања, виртуелниот свет останува како опција во моделирањето на креативниот дискурс. Експериментот, кој беше основната алатка во реализација на новите дела, како практика се пренесува и во постковид продукцијата, дури и во најконвенционалните изведувачки форми.

Интересот и можноста повторно да се биде дел од еден уметнички чин и за креаторот и за реципиентот доби ново значење, но и го засили интересот кај потенцијалниот гледач. Ни останува да бидеме мудри и сите овие стекнати искуства да ги искористиме креативно, продуктивно и наменски, а анализата за нив, имено, се случува преку овој вид научни собири – заклучи Здравкова-Џепароска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 158, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот