
Народна банка: Ќе поевтинат храната и енергенсите, економскиот раст ќе биде колку и лани
Раст на бруто-домашниот производ од 2,1 процент и инфлација од 8 до 9 проценти во 2023 година, се новите проекции на Народната банка
Народната банка ја влоши прогнозата за економскиот раст годинава и пролетната проекција предвидува раст на бруто-домашниот производ од 2,1 проценти во 2023 година, односно ист раст како што се оствари и минатата година. Ова е помала бројка од предвидувањата на Министерството за финансии од 2,9 проценти економски раст, врз чија основа се планирани и приходите во државната каса, со што се става под знак прашалник полнењето на буџетот со предвидената динамика.
Препорачано
Податокот за инфлација што најмногу ги загрижува граѓаните, укажува на нејзино забавување, така што годинава се очекува просечната инфлација да се движи меѓу 8 и 9 проценти.
– Во поглед на идната патека на цените во домашната економија, најновите проекции упатуваат на непроменети очекувања за движењето на инфлацијата, односно ги потврдуваат октомвриските согледувања за нејзино забавување и сведување на едноцифрено ниво, во интервалот од 8 до 9 проценти во 2023 година. Енергетската компонента во значителна мера би придонесла за забавување на инфлацијата во 2023 година, што се должи на претпоставките за намалување на цените на енергенсите, а се очекува постепено ублажување на ценовните притисоци и кај храната. На среден рок се очекува дека стапката на инфлација и натаму ќе забавува и ќе се сведе под 3 проценти, близу до историскиот просек. Ризиците за проекцијата на инфлацијата на среден рок и натаму се поврзани со неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација. Исто така, растот на платите, а особено соодносот со растот на продуктивноста треба внимателно да се следат – рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, презентирајќи ги пролетните проекции на Народната банка.
Банките со високи камати, Народната банка можеби ќе реагира
Сепак, и покрај намалување на инфлациските притисоци, Народната банка пред една недела ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, со што таа достигна дури 5,75 проценти. Растот на основната камата што веќе во континуитет се случува е сигнал за банките да ги зголемуваат каматите на кредитите и на депозитите, како мерка со која се одговара на инфлацијата. Гувернерката Ангеловска-Бежоска вели дека ги следат трендовите.
– Инфлацијата на годишно ниво забавува и очекуваме продолжување на овој тренд. Вториот клучен елемент од кој ќе зависи монетарната политика се девизните резерви, како нивното тековно ниво, така и среднорочните проекции. Во екстерниот сектор, сега состојбите се нешто подобри од нашите предвидувања и тоа резултираше со нешто повисоки девизни резерви во минатата година, но и во првиот квартал од годинава во однос на нашите очекувања. Каква ќе биде натамошната монетарна поставеност зависи од сите понатамошни движења во овие два клучни пункта, и понатаму централната банка на дневна основа ќе ги следи сите нови податоци и ќе ги вградува во својата макроекономска рамка. Ако овие трендови продолжат, тоа ќе остави простор за поголема флексибилност на централната банка – рече Ангеловска-Бежоска.
Во март каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор изнесувала 5,27 проценти и е поголема за 1,96 процентен поен во однос на пред една година. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е 5,23 проценти и е поголема за 0,76 процентни поени во однос на март 2022 година.
Лани рекордни девизни дознаки и странски инвестиции
Парите што нашите иселеници или сезонски работници ги праќаат дома се значителна ставка во бруто-општествениот производ. Минатата година девизните дознаки биле 2,4 милијарди евра, што е годишен раст од 40 проценти. Но, иако и годинава се очекуваа добри девизни дознаки, не може да се очекува таков раст и се предвидува поумерена проекција за годишен раст од 3 до 4 проценти. За време на пандемијата имаше значителен пад на девизните дознаки, како и голема криза со странските директни инвестиции. Но, минатата година, како што вели Ангеловска-Бежоска, пријатно сме биле изненадени.
– Во однос на странските директни инвестиции бевме ранливи за време на пандемијата, а минатата година бевме позитивно изненадени. Странските директни инвестиции беа 5,7 проценти од БДП, а во номинален износ тоа се 670 милиони евра што е историски најголем износ. Но, ние имаме поумерени проекции и очекуваме странски директни инвестиции од 3,7 проценти од БДП – посочи гувернерката.
Македонската економија е многу отворена, а глобалните трендови покажуваат натамошен раст, но продолжуваат ризиците од војната во Украина.