
Наркобосот од Струга излегол од притвор со гаранција од 600 илјади евра
Валмир Етеми е обвинетиот организатор на криминална група за трговија со дрога и оружје во охридско – струшкиот регион кој бил во бегство, па бил екстрадиран, но излегол од притвор откако скопска апелација му ја прифатила жалбата и понудената гаранција од над 600 илјади евра, јавува Телма.
Препорачано
Албанските медиуми на крајот на јануари лани објавија дека 32 годишниот Етеми од Струга кого Македонија го барала преку Интерпол бил приведен на аеродромот Ринас во Тирана пред да фати лет за Базел Швајцарија.
По ова следувала и екстрадиција и обвинение и судење, а тој бил во притвор од мај. Во петокот попладне второстепениот суд му го укинал притворот.
Од скопскиот Апелационен суд велат дека гаранцијата која ја прифатиле од обвинетиот е хипотека во недвижен имот вреден над 600 илјади евра, а дополнително му определиле и мерки на претпазливост – редовно јавување на суд и одземање на патна исправа.
Кое е образложението со кое судиите прифатиле претходно екстрадираниот бегалец, а сега обвинет како организатор, да го пуштат да се брани од слобода, од судот повеќе информации најавија за утре, со оглед на тоа што денеска е неработен ден.
Обвинителството за гонење организиран криминал вчера ја сподели информацијата со медиумите истакна дека дале негативно мислење обвинетиот да биде пуштен, наведувајќи неколку причини за тоа.