
Направен од метеорит: Пронајден врв од стрела стар 3.000 години во Швајцарија
Тим истражувачи потврди дека врвот на стрела од бронзеното време, кој бил пронајден во Швајцарија, е направен од метеорит, пренесува „Си-ен-ен“.
Препорачано
Според студијата, стрелата која датира помеѓу 900 и 800 година п.н.е., долга 39 милиметри, била пронајдена на место каде постоела населба, во Мориген на езерото Биел, Швајцарија, за време на ископувањата во 19 век.
Речиси 3.000 години стариот артефакт е создаден со железо од метеорит, кој бил на територијата на Естонија. Истражувачите велат овој податок покажува дека метеоритското железо било тргувано во Европа 800 година пред нашата ера или порано, додавајќи колку е невообичаено да се најде метеоритско железо користено толку рано во историјата.

Во тоа време, луѓето сè уште не почнале да го топат железото од оксидните руди, па малку железо за нивните оружја и орудија, можело да се најде во полињата каде удриле метеоритите.
Вакви предмети направени со метеоритско железо се пронајдени во Турција, Грција, Сирија, Ирак, Либан, Египет, Иран, Русија и Кина, а досега само на две локации се пронајдени вакви артефакти во централна и западна Европа, и тоа двете во Полска.
Инаку, научниците претходно мислеа дека железото од врвот на стрелата доаѓа од метеоритот Тванберг, кој паднал на Земјата на само неколку километри од местото. Сепак, анализата на железото покажа дека не се работи за тој метеорит.
Во Европа постојат само три познати метеорити со сличен хемиски состав, но експертите веруваат дека ова железо најверојатно потекнува од оној што паднал во Каалијарва, Естонија, бидејќи ударот создал многу мали фрагменти.