
Нападнати српската опозиционерка Мариника Тепиќ и нејзината мајка
„Денес, покрај низа навреди и закани, физички беше нападната и потпретседателката на Партијата на слободата и правдата (ССП), Мариника Тепиќ“, објави партијата.
Препорачано
„Нападот се случил додека таа заедно со мајка си била пред зградата во Панчево каде што живее нејзината мајка. Напаѓачот, Бошко Ожеговиќ, познат по долгогодишните навреди и политички мотивирани провокации, прво извикал и ѝ се заканил на Мариника Тепиќ дека ќе ја силува, дека не треба да биде таму и изговорил низа највулгарни пцовки. Потоа, кога таа влегла во автомобилот, тој ја спречил да ја затвори вратата, ја зграпчил за раката, ја повлекол силно и ѝ се внесол во лице. Насилникот потоа ја навредил нејзината мајка, која била надвор од автомобилот. Само благодарение на смиреноста на Мариника Тепиќ и неколкумина граѓани кои ѝ притрчале напомош и ја повикале полицијата, нападот немаше сериозни последици“, соопшти партијата на Тепиќ
Според информациите, напаѓачот им се заканил на сите присутни дека ќе извади пиштол и дека „ќе им покаже на сите“.
„Овој грозоморен напад е директна последица на бруталното таргетирање на Мариника Тепиќ, лидерите на опозицијата и студентите од страна на самиот Александар Вучиќ. Секојдневно, од режимската телевизија и таблоидите, како и преку социјалните мрежи, претседателот на Србија поттикнува омраза, изнесува лажни обвинувања, се заканува и привлекува мети. Ова е одговорност и на сите институции кои не реагираат на насилството инспирирано и директно поддржано од Александар Вучиќ. Бараме напаѓачот да биде приведен и гонет според тежината на кривичното дело што го сторил. Мариника Тепиќ нема да се повлече, ниту пак некој може да ја запре во борбата за демократска, слободна и праведна Србија. Членовите на Партијата за слобода и правда, како и членовите на другите опозициски партии кои се цел на нападите на режимот, нема да бидат запрени од закани, насилство или од сите лојалисти на Вучиќ, кои бесрамно се платени со парите на сите српски граѓани“, велат од ССП.