Фото: Слоободен печат

Наместо да се пренаменат во градски парк слободните површини во Тетово запустени и обраснати

Запустени и обраснати со трева и трње јавните слободни површини со години го грдат долниот дел на градот. Се работи за парцели во државна сопственост лоцирани на поранешниот спортски центар кои Иницијативата „Тетово сака парк“ предлага да се пренаменат во голем градски парк, но општината две години е глува на ваквото барање.

Не се работи за немање на финансии за реализација на овој процес, туку за немање на волја на локалните власти да обезбедат похуман живот за граѓаните, велат од иницијативата.

„Огромна е потребата за парк, сите тоа го чуствуваат, ова е заеднички проблем на сите граѓани, но на Тетово му е потребна и волја од градските власти за сето ова да го реализира, барем да чекорат кон насока на решение. Има две години од иницијативата “Тетово сака парк“, со стотици најави и апели, но не успеваме да ги разбудиме градските власти. Ние не предлагаме проект туку процес за градски парк, а за да започнете еден процес не треба пари туку треба само волја, тука за жал единствениот проблем е недастаток на волја“, вели Дарио Сотировски од Иницијативата „Тетово сака парк“.

Во Тетово речиси секој чекор се бетонизира и асфалтира, а можеби со запуштените слободни површини урбаната мафија веќе се крои планови, велат од иницијативата.

„Ние сме дефинирале со истакнати стручни лица чекори кон негова реализација. Можеше многу општината да направи, а не да се насочи кон дневна политика. Се работи за државно земјиште, со мал труд на општината можеше ова да прерасне во градски парк оти се работи за урбана парцела – зеленило. Идејата никој не може да ја уништи и добро е што се зборува за тоа. Загрижува тоа што постои еден натпревар на локалните самоуправи, тие како да се борат кој може да направи полошо нешто за граѓаните.Во име на некој квази развој се уништува зеленилото. Секогаш постои загриженост за тоа дека овие запуштени простори се оставаат намерно некој да ги земе и таму да направи висококатници, веќе 30 години Тетово е девастирано чекор по чекор“, вели Сотировски.

Од Општина Тетово, велат дека издвоени се средства за уредување на слободните парцели кои ќе се пренаменат во паркови и спортски терени, ветување кое локалните власти го даваат речиси секоја година, но реализација на терен нема.

Иницијативата „Тетово сака парк“ предлага локациите на поранешните фабрики „Монопол“ „Шик Јелак“ како и просторот околу „Жена паркот“ и поранешниот „Спортски центар“ да се пренаменат во градски парк. Оттаму велат дека нема пречки за реализиција на идејата оти голем дел од површините кои се предлагаат се на државно земјиште.

Граѓаните пак кои живеат наспроти површината обрасната со трева и трње, велат дека во рамки на нивните можности ја оддржуваат. Имаат засадено дрвца, поставено клупи, но ако општината се однесува игнорантски кон ова место бадијала е се, велат тие.

Минатата година градоначалникот Билал Касами на прес-конференцијата по повод една година од доаѓањето на функцијата, ја побара тетовската касарна да ја пренамени во парк.

Тој ја повика владата касарната да ја даде во владение на Општина Тетово, по што просторот би се пренаменил во модерен градски парк. Така, како што рече тогаш Касами, ќе им излезе во пресрет на тетовци, кои имаат голема потреба од ваков простор.

ФОТО: Наместо парк во Тетово џунгла од трева и трње

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот