Намерна грешка на Антиќ во одбраната на Вучиќ
Секое политизирање на спортист е спорно од повеќе аспекти. Во конкретниот случај, не само поради тоа што тоа е спротивно на Законот за спорт, на Статутот на КФСМ и на Резолуцијата на ОН, туку и поради тоа што овојпат тоа го прави во рамките на кампања за странски политичар, а во исто време претставувајќи се како македонски функционер.
Човекот што целото мое детство го гледав како идол, кому му се восхитував на секој постигнат кош за македонската кошаркарска репрезентација и за клубовите во кои играл, чиј дрес беше закачен на ѕидот во мојата детска соба, ме разочара со последните постапки надвор од кошаркарскиот терен.
Препорачано
Еден од најдобрите македонски кошаркари на сите времиња и актуелен претседател на Кошаркарската федерација, Перо Антиќ, се вклучи во кампањата на Српската напредна странка, што фрла сенка врз неговата блескава кариера како прв и единствен Македонец што досега настапувал во НБА-лигата и како трикратен европски првак со Олимпијакос (двапати) и Фенербахче.
Секое политизирање на спортист е спорно од повеќе аспекти. Во конкретниот случај, не само што постапката на Антиќ се коси со македонскиот Закон за спорт, со Статутот на КФСМ и со Резолуцијата на ОН, туку е спорна поради тоа што е во рамките на кампањата на странски политичар, а во исто време претставувајќи се како македонски функционер. Гневот е поради тоа што Антиќ ги става српските интереси пред македонските.
На снимките со кои српскиот претседател Александар Вучиќ се фали на социјалните мрежи, Антиќ не крие дека е навивач на Црвена Звезда. Исто како и Вучиќ! Тој во видеото јасно и гласно изјавува дека „му го чува грбот на Аца“ (мислејќи на српскиот претседател), фотографирајќи се со минувачи и покажувајќи српски симболи.
Без оглед што македонската јавност веќе реагира на овој скандал, Антиќ се однесува како тие критики да не допираат до него. Погрдни зборови дојдоа дури и од Србија, и тоа не само од тие што се очекува – навивачи на Партизан. Читав секакви коментари од Србите на социјалните мрежи, повеќето го исмеваат ваквиот потег, знаејќи какви сè реклами објавува Вучиќ во последниве години.
Никогаш не ми пречело тоа што некој е симпатизер на странски клуб и што не е „запален“ по домашните екипи. Тргнувам од себе. Иако многумина го критикуваа Антиќ поради тоа што е навивач на Звезда, јас не се согласив со оние кои „удрија“ по него. Во спортот секој има слобода да избира за кој тим ќе навива и каде што најмногу се пронаоѓа себеси.
Но, Антиќ како да заборави во која држава е назначен за функционер и за која репрезентација се радуваше во 2013-тата, кога Македонија ја совлада Србија на Евробаскетот во Словенија со 89-75, а Антиќ тогаш постигна 16 поени.
Можеби Антиќ ќе им даде идеја и на македонските политичари во своите кампањи да вклучат светски спортски ѕвезди, како на пример Швеѓанецот Дејан Кулушевски или Турчинот Чеди Осман, двајцата со потекло од Македонија.
Тие се, сепак, минато за нас, зашто ниту живеат ниту играат за Македонија.
Но, Антиќ си седи комотно во претседателската фотелја, која носи привилегии. Додека тој шета со карванот на Вучиќ по Србија, македонската кошарка е на дното. Нашата репрезентација е на 59. место во Европа според рејтингот. Во годините кога Антиќ го носеше црвено-жолтиот дрес, репрезентацијата беше четврта на Европското првенство во Литванија, во 2011 година. Тој ја презеде одговорноста влегувајќи во клинч со неговиот претходник Петар Наумоски, критикувајќи ја работата на претходното раководство, но напредок во играта под обрачите во земјава за време на неговиот мандат не видовме. Напротив!
Симптоматично е тоа што Вучиќ не одбрал некоја домашна кошаркарска легенда да биде вклучена во кампањата спроти изборите во Србија в недела. Очигледно, тие имаат образ!