Фото: „Версвил“

Најновото издание на списанието „Версвил“ е посветено на „Поезија од Македонија“

Меѓународно списание за поезија „Версвил“, својот најнов број целосно го посвети на современото македонско поетско творештво. Уреник и автор е Иван Антоновски, на покана на меѓународната редакција на списанието, а објавено е во пресрет на Струшките вечери на поезијата. Изданието е насловено „Поезија од Македонија“. Фокусот е на добитникот на Златниот венец на СВП за оваа година, академик Влада Урошевиќ, а објавени се два есеи од неговата книга „Виола арсеника: белешки за поезијата“, кои специјално за овој број на „Версвил“ се преведени на англиски јазик.

Фото: „Версвил“

Исто така, објавен е текст од универзитетскиот професор и поет, Владимир Мартиновски, во кој се споредуваат песни од македонскиот поет Матеја Матевски и јапонскиот поет Кобајаши Иса. Поезијата на Матевски е претставена и претходно, во 2011 година, кога покрај Златниот венец на СВП, тој го доби и признанието „Восхитувачки поет“ што го доделува токму ова реномирано меѓународно списание.

Во бројот се претставени и современи македонски поети со активен опус, кои имаат значајни творечки резултати и во 21. век: Михаил Ренџов, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Ефтим Клетников, Санде Стојчевски, Ристо Лазаров, Веле Смилевски, Раде Силјан, Катица Ќулавкова, Весна Ацевска, Зоран Анчевски, Бранко Цветкоски, Иван Џепароски, Славе Ѓорѓо Димоски, Братислав Ташковски, Јовица Ивановски, Виолета Танчева-Златева, Лидија Димковска, Никола Маџиров, Јовица Тасевски – Етернијан, Николина Андова-Шопова, Јулијана Величковска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Ива Дамјановски.

Фото: „Версвил“

„Версвил“ важи за едно од најрепрезентативните поетски списанија на глобално ниво, со соработници од целиот свет. Излегува два пати годишно во електронска форма, на англиски јазик, со строги критериуми за објавените рецензирани содржини. Седиштето на списанието е во Индија, а уредници на одделните броеви на покана на меѓународната редакција предводена од афирмираниот индиски поет Сонет Мондал се истакнати универзитетски професори, книжевни критичари и поети од различни земји.

Од основањето на списанието во 2008 година наваму, тематски броеви се објавени само за француската, американската, австралиската, ирската, холандската, индиската, турската, унгарската и украинската современа поезија, по што следи објавата и на овој број посветен на македонската поетска реч.

Во „Версвил“, досега, одделни прилози имаат објавено повеќе добитници на Букеровата и на Пулицеровата награда, а посебно се претставени и неколку лауреати на Златниот венец на СВП. Претходно, во  списанието објавена е поезија во препев на англиски јазик и на неколку истакнати македонски поети.

Присуството на македонските автори во списанието е засилено од 2011 година, кога за уредник-консултант е избран и македонскиот поет и книжевен критичар Јовица Тасевски – Етернијан и воспоставена е соработка со македонското списание за литература, уметност и култура „Стремеж“. Овој тематски број објавен во август 2023 година е прво претставување на толкав број автори од Македонија во изданијата на „Версвил“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот