Урсула фон дер Лајен/ Фото EPA-EFE/DUMITRU DORU

Најмоќната жена во Европа има седум деца, живее на фарма и одгледува коњи

Таа е најмоќната жена во Европа, ја крои судбината на милиони, а омилените моменти ѝ се во семејниот дом со деца и животни.

Во декември 2019 година, Урсула фон дер Лајен застана на чело на Европската комисија и со тоа стана првата жена на таа важна функција. Денес, таа е одговорна за законите кои влијаат на повеќе од 700 милиони Европејци.

Во 2019 година и повторно во 2020 година „Форбс“ ја наведе Урсула фон дер Лајен како четврта најмоќна жена во светот.

Она што е особено интересно во нејзината приказна е тоа што има седум деца и сака да го поминува времето на семејната фарма со коњи.

Урсула е во брак со докторот Хеик фон дер Лајен, со кого се запознала за време на студиите во Германија, пишува „Вог“.

Кога го добила своето прво дете на 28 години, терминот „работничка мајка“ не бил добредојден во општеството.

И кога се преселила во Калифорнија во 1992 година, каде што нејзиниот сопруг правел медицински истражувања на Стенфорд, наводно била изненадена од тоа колку татковците во Америка биле активни во одгледувањето деца. Во следните години, кога влезе во политиката во Германија, почна да спроведува реформи кои ги нарече конзервативен феминизам.

Меѓу другото, една од реформите беше и родителското отсуство, со акцент на фактот дека воспитувањето семејство треба да се дели помеѓу двајцата родители, а не само мајката.

Според Википедија, Урсула фон дер Лајен е родена во 1958 година во Белгија, каде што живеела до својата 13-та година. Во 1971 година, таа се преселила со своето семејство во околината на Хановер, каде што ги има своите корени и каде нејзините предци биле лекари, адвокати и државни службеници од 17 век.

Од друга страна, исто така има корени од Америка. Нејзините баба и дедо биле трговци со памук, а таа потекнува од првите англиски доселеници, членови на најбогатите семејства во Северна Америка во 18 век.

Сопругот на Урсула е од познато семејство кое се збогатило од трговијата со свила и се здобило со благороден статус во 1786 година.

Канцеларијата на Урсула е во Брисел, каде што е седиштето на Европската комисија, но таму не е нејзиниот дом.

Таа има стан каде што престојува додека има должности, но всушност нејзината база е семеен дом во мало село надвор од Хановер, Германија.

Таму оди секој викенд после работа, поминува време со семејството и животните кои ги чува и ужива во своето хоби – јавање коњи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот