
Наесен или локални или двојни, или в година парламентарни?
Ако албанскиот владин партнер Вреди „значително потфрли на локалните“, како што велат нашите брифери, напролет, во 2026 година, би се одело на предвремени парламентарни избори. Ако се оди само на локални избори, најголем дел од актуелните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ ќе трчаат за уште еден мандат
Наесен Македонија ќе трча само на локални избори, на двојни – и локални и предвремени парламентарни – или, пак, резултатот од локалните може да испровоцира предвремени парламентарни избори следната година, се трите опции со кои калкулира владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Математиките на најголемата партија ќе влијаат и на одлуките на помалите владини партнери и, секако, и на опозициските за изборниот настап, односно кој со кого ќе соработува и дали силите ќе ги одмерат како партии или коалиции.
Препорачано
Впечатливо е дека во рок од неколку дена премиерот Христијан Мицкоски најавува голема победа на ВМРО-ДПМНЕ, но не прецизира дали мисли само на локалните или и на предвремени парламентарни избори кои, пак, не ги врзува со локалните. Откако од собраниска говорница порача дека кога ќе завршат работите со Кочани ќе ја побара довербата од народот, по седницата на Централниот комитет викендов, соопшти дека општинските комитети се силно мотивирани и подготвени за избори на кои се очекува огромна победа.

– Констатирано е дека Владата е стабилна и силна и дека ги исполнува очекувањата на граѓаните, и покрај бројните предизвици и општата економска катастрофа која беше наследена. Општ став е дека се вложуваат сите сили Македонија да се стави на брза лента за економски раст и развој. Општинските комитети се силно мотивирани и подготвени за избори на кои се очекува огромна победа. Истакнав дека Македонија ја очекуваат успеси и добри резултати кои се последица на реформите преземени во изминатиот период, и дека целта е економска стабилност и просперитет на сите граѓани. Информирав дека во идниот период продолжуваат испитувањата и мерењата на јавното мислење за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ кои покажуваат неколкукратна предност пред политичките конкуренти, но и дека треба да исполни одговорноста за преземените ветувања пред граѓаните – објави Мицкоски на Фејсбук по состанокот на ЦК.
Премиерот зборува за избори без да прецизира дали мисли само на претстојните локални.
Според брифинзи од партијата, засега сè е во игра. Ако албанскиот владин партнер Вреди „значително потфрли на локалните“, во 2026 година би се одело на предвремени парламентарни избори.
Кандидатите ќе ги одредат анкетите
Ако се оди само на локални избори, најголем дел од актуелните градоначалници ќе трчаат за нов мандат. Нови имиња се споменуваа за Прилеп, Неготино и за Кочани каде актуелниот поднесе оставка по трагедијата во дискотеката „Пулс“. Повеќето актуелни градоначалници на скопските општини повторно ќе ја бараат довербата на граѓаните, а со ново лице може да се тркаат во Општина Кисела Вода, ако актуелниот Орце Георгиевски биде номиниран за градоначаник на метрополата. Освен Георгиевски, за Скопје во игра е и министерот за локална самоуправа Златко Перински. Сепак, кој од градоначалниците ќе добие шанса за нов мандат ќе зависи дали на анкетите над 50 отсто од граѓаните ќе се изјаснат дека се задоволни од досегашната работа на градоначалниците.

Кога станува збор за соработката на локалните избори со владините партнери за некои од општините, генерално е договорено ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди да се поддржат уште во првиот изборен круг. Ова ќе значи ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи кандидатот на Вреди во Струга, Тетово и Гостивар, а за возврат Вреди да не номинира свои кандидати во Јегуновце, Бутел… За Скопје, Вреди најверојатно ќе трча со свој кандидат, а од друга страна ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира свој кандидат за Кичево. Неофицијално, ЗНАМ на Максим Димитриевски бара поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за свои градоначалници во две поголеми општини, односно Куманово и Центар, како и три помали општини, како Крушево, Старо Нагоричане, Богданци, Валандово и Дојран, односно општини со кои сега раководи СДСМ.
Вреди веќе се изјасни дека на изборите ќе одат со заеднички листи за советници и заеднички кандидати за градоначалници, поради што се разидоа со Алијанса за Албанците на Арбен Таравари.
Пратеникот на Вреди од Самоопределување, Беким Ќоку, во објава на социјалните мрежи порача дека на локалните избори ќе освојат 76 отсто од општините со албанско мнозинство. Таравари, пак, се изјасни дека сами ќе одат на избори, но шпекулациите се дека тоа е само прв чекор за раздружување со Вреди и дека целта е соработка со ДУИ на Али Ахмети.
АА на Села не решила дали самостојно ќе оди на избори
И од ДУИ и од Алијансата за Албанците на Зијадин Села велат дека уште не решиле дали на изборите ќе настапат самостојно или како Европски фронт. Опозициските партии калкулираат за настап во зависност од тоа дали освен на локални наесен, ќе се одржат и парламентарни избори, за што притиска албанскиот опозициски блок.

Лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ Венко Филипче веќе се изјасни дека се подготвени и за локални и за парламентарни избори. Тој веќе најави дека работат на изградба на широка коалициска мрежа за претстојните избори и дека за секоја општина ќе се води посебна стратегија за коалицирање, а целта е обединување на што поголем број граѓани околу заеднички вредности и политики. За дел од општините веќе се шпекулира и со потенцијални кандидати за градоначалници на СДСМ и коалицијата. Актуелниот Горан Герасимовски се споменува за нов мандат во Центар, Томе Христоски во Крушево, Сашко Митовски во Крива Паланка и Сашко Комненовиќ во Чучер-Сандево. За Скопје се споменуваат имињата на универзитетскиот професор и поранешен член на Извршниот одбор на партијата, Мишко Ралев, потоа Каја Шукова, Ѓорѓи Галетановски, Андреј Петров, како ексградоначалникот Петре Шилегов. Во Струмица во игра се актуелниот градоначалник Коста Костадинов, претседателот на Советот Марјан Даскаловски и поранешниот градоначалник Коста Јаневски.
Според информации на „Слободен печат“, Филипче викендов се сретнал со Кренар Лога од Алијансата на Зијадин Села како увертира на средбата што ќе претстои помеѓу Филипче и Села. Тема на средбата била можноста од двојни избори наесен, а очекувањата се на средбата меѓу Филипче и Села да се разговара за евентуална поддршка на локалните избори.
За двојни избори подготвена е и Левица. Портпаролот на Левица Амар Мециновиќ порача дека неговата партија е подготвена за предвремени парламентарни избори, затоа што, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ е на стаклени нозе во однос на тоа што се случува во владејачката коалиција. Според Мециновиќ, ова се должи на сè поверојатното напуштање на Арбен Таравари на Вреди, а со тоа и неговите пет пратеници во Собранието на владејачкото мнозинство.
– Затоа во овие ситуации кога во владејачкото мнозинство има превирања, мислам дека нема да дозволат предвремени избори, но ние сме спремни – рече Мециновиќ.
Тој побара со измените на Изборниот законик да почне процесот за менување на изборниот модел, односно Македонија да биде една изборна единица.