
Национална стратегија за борба против корупција: „Со ум во антикорупциски бум”
„Со ум во антикорупциски бум” е мотото врз основа на кое ќе се подготвува петгодишната Национална стратегија за борба против корупцијата.
Препорачано
Имаме тешка борба пред нас и не е само Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) таа што треба да се бори против корупцијата, одговорноста е на сите граѓани во оваа држава, порача претседателката на Антикорупција, Билјана Ивановска.
На денешната работилницата за изработка на Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси таа потенцира дека е потребно да се јакне свеста кај луѓето дека никој никому ништо не должи, но и да се јакне совеста кај одговорните луѓе дека никој за ништо не им е должен.
– Сведоци сме на голем број закони, дизајнирани на начин што не обезбедува соодветна заштита на јавниот интерес. Но, сведоци сме и дека постојат законски одредби кои предвидуваат решенија за заштита на интересот на граѓаните, но се случува тие што треба да ги применат да бараат начин како да не ги применат, повторно со цел да задоволат интереси на одредени групи – рече Ивановска.
Таа најави дека во наредните два месеци, заеднички со одговорни лица од повеќе државни институции, граѓански здруженија, медиуми и други учесници, ќе се бараат решенија, како „да се ослободиме од цврстата коруптивна мрежа што го гуши нашето општество”. Пред се ќе се утврдуваат системските слабости, ќе се предложат антикорупциски мерки кои ќе го вратат во живот системот на вредности и ќе ја покренат општествената свест, за конечно да се зачува и граѓанската чест.
Пред присутните се обратија и претседателот на Собранието Талат Џафери, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи,,министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски и професорот Методиј Чепреганов кој на сите присутни, меѓу кои најголемиот дел од Владата, им се обрати како на пријатели на совеста, на умот и на социјалната кондиција.
– Корупцијата е страст и интелектуална немоќ на заробен ум и на нарушена совест. Алчноста, страстите, во кои спаѓа корупцијата и подмитливоста во еден мал дел од тоа, и другите човечки страсти, се секогаш составен дел од психопрофилот на една лошо изградена личност. Превенцијата бара време, воспитание, образование, инкорпорација на социјални, морални, етички и духовни норми, како и спремност на личноста сите тие параметри да ги прифати, осознае, научи и применува. Тоа е процес што трае долго, а толку многу ни е потребен – им порача Чепреганов на присутните.