
Националниот слем-натпревар ќе се одржи во Прилеп
Во Прилеп, на 8 октомври, ќе се одржи дванаесеттиот Национален слем-натпревар на кој повеќе од 30 учеснички и учесници ќе се натпреваруваат за титулата Национален слем-победник / Национална слем-победничка, кој/а идната година ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Оваа година настанот ќе биде со надополнета програма со „слем во движење“, која ќе почне во 18 ч. во „Кафе Чоше“ (во центарот на Прилеп, на плоштадот во близина на Саат кулата), каде ќе се одржи мини-слем како вовед во главната натпреварувачка вечер. По „Кафе Чоше“, слемер(к)ите и публиката ќе се упатат кон Камената бина, каде ќе продолжи воведниот слем, за на крај поворката да замине во киното „Мис Стон“, каде ќе се одржи слем-натпреварот со почеток од 19 часот.
Специјални гости на вечерта ќе бидат поетите Марио де Роза од Италија и Ернесто Ередеро дел Кампо од Шпанија, кои ќе ја претстават својата поезија на италијански, шпански, англиски и на македонски јазик.
За титулата Национален победник / Национална победничка се пријавија повеќе од 30 слемер(к)и, а во живо ќе се натпреваруваат: Анде Јанков, Валерија Дамчевска, Габриела Стојаноска – Станоеска, Горазд Кени Китановски, Даим Мифтари, Дамјан Ессе, Дијана Петкова, Димитра Цилевска, Евгенија Узунова, Жаклина Ф. Свеќаровска, Ирена Јурчева, Јована Јосифоски, Лина Пашанку, Љубица Петровска, Марија Грубор, Марина Икономова Шокева, Македонка Настова, Мартин Атанасовски, Миланчо Пендев, Милчо Мисоски, Надица Коцева, Никола Дукоски, Перо Сарџоски, Розе Милкова, Тања Кузманоска и Цветанка Колева.
Националниот слем-натпревар истовремено ќе го промовира и слем-зборникот „12 години поетски слем Македонија 2022“ во кој се објавени пријавените автор(к)и: Ана Секуловска, Елена Пренџова, Ерол Туфан, Игор Трпчески – Трпче, Јулијана Маринковиќ, Корнелија Јосифова, Оливера Доцевскa, Сандра Авросиевскa, Софија Бислимоски и Тамара Мирческа, покрај гореспоменатите кои ќе учестуваат во живо на настанот.
Традиционалниот Национален слем-натпревар е во организација и режија на „Театарска работилница“ – Прилеп и Игор Трпчески – Трпче и во коорганизација на Елена Пренџова.