
На жителите на Мајорка им преседна масовниот туризам, се селат во камп-приколки
Поради долгорочното зголемување на бројот на туристи и цената на становите, жителите на Мајорка се принудени да се иселат од центарот на градот и да живеат во камп-приколки. Пилар Хернандо живее во караван на периферијата на Палма де Мајорка и се тушира во локалниот спортски центар. 45-годишната Хернандо, која се бори да најде работа во барови и ресторани, рече дека не може да си ги дозволи цените за изнајмување кои нагло се зголемија, делумно поради брзиот развој на туризмот на шпанскиот остров.
Препорачано
„Цените растат, кириите растат, сè расте, освен платите“, рече Хернандо. Таа е една од многуте Мајорканци кои почнаа да живеат во приколки паркирани во привремени кампови поради превисоките цени на становите и сопствениците кои претпочитаат да ги изнајмуваат на туристи, објави 021.рс. Тој тренд предизвика протести на островот, како и во најпосетуваниот шпански град Барселона и на други места. Минатата недела околу 10.000 луѓе протестираа против масовниот туризам во Палма де Мајорка. Во градот има три такви локации со кампери. Локалните власти обезбедија систем за рециклирање, но жителите велат дека има само едно место на островот за отстранување на отпадната вода.
Тврдат дека не смеат да ги отвораат прозорците или да поставуваат маси надвор, бидејќи паркирале на јавни површини. Полицијата им се заканува со казни, а локалната самоуправа тврди дека не може да им обезбеди дополнителни услови и ги пренасочила во социјалните служби, велат камперите. Активистите против масовниот туризам во Шпанија велат дека посетителите ја зголемуваат цената на сместувањето, што му отежнува на локалното население да си дозволи да живее во урбаните средини. Просечната плата во Шпанија е 1.925 евра, соопшти Заводот за статистика.