
На вселенската станица пристигнаа тројца американски астронаути и еден руски космонаут
Тројца американски астронаути и руски космонаут денеска пристигнаа на Меѓународната вселенска станица (МВС).
Препорачано
Двостепената ракета Фалкон 9 со автономно управувана капсула Кру Драгон наречена Ендеавор, лансирана од вселенскиот центар Кенеди на НАСА во Кејп Канаверал на брегот на Атлантикот на Флорида. Четворицата новопристигнати астронаути беа пречекани на нивната дестинација од сегашниот седумчлен екипаж на станицата, објави американската вселенска агенција НАСА.
Тие требаше да пристигнат на МВС во сабота, но полетувањето беше одложено поради силниот ветер.
За време на нивниот шестмесечен престој на МВС, тие планираат да спроведат повеќе медицински експерименти. Екипажот ќе остане на вселенската станица до крајот на август и ќе изврши околу 250 експерименти во микрогравитациската средина на орбиталната платформа.
Ветеранот на НАСА, д-р Мајкл Барат е на МВС по трет пат, а Метју Доминик, пилот на американската морнарица, Жанет Епс, аеронаутички инженер и поранешен технички разузнавач на ЦИА и космонаутот Александар Гребјонкин, поранешен инженер за воени авиони, се на МВС за прв пат.
Меѓународната вселенска станица е едно од ретките места каде што САД и Русија сè уште соработуваат и покрај руската агресија врз Украина. За станицата се грижат вселенските агенции на САД, Русија, Канада, Европа и Јапонија.