
На влез во Грција ќе има автомати за сите што не се од ЕУ – нови правила од 12 октомври
Од 12 октомври годинава, Европската Унија започнува со постепено воведување на Системот за влез/излез (EES), кој ќе биде целосно имплементиран до април 2026, информира Министерството за внатрешни работи(МВР). Овој нов дигитален систем ќе ја замени досегашната практика на ставање печати во пасошите со електронска евиденција на биометриски податоци, фотографија и отпечатоци од прсти, како и прецизни записи за датумите на влез и излез.
Препорачано
Како што појаснуваат од МВР, системот ќе биде активен на сите надворешни гранични премини во 29 земји, меѓу кои и Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
EES се однесува на сите државјани од земји кои не се членки на ЕУ или Шенген зоната и патуваат за краток престој до 90 дена. Тоа ги опфаќа патниците кои се ослободени од виза, како и оние со краткорочна виза. За граѓаните на ЕУ и Шенген зоната нема промени.
Од Министерството објаснуваат дека при првото патување патниците ќе минат низ целосна регистрација – фотографирање, скенирање на отпечатоци и внесување податоци од пасош. За олеснување на процедурата, ќе бидат поставени и пунктови за самопослужување, а можно ќе биде и претходно предрегистрирање преку мобилни апликации.
-Со EES, ЕУ има за цел да ја зголеми безбедноста на граѓаните, преку подобро откривање на фалсификувани документи и идентитетски измами, да ја подобри борбата против криминалот, тероризмот и нелегалната миграција, како и да овозможи побрзи и поефикасни гранични проверки – велат од МВР.
Во првата фаза, до април 2026, дел од патниците сè уште ќе добиваат печат, но од 10 април 2026 печатите целосно ќе бидат заменети со електронски записи.
Сите податоци ќе се обработуваат во согласност со стандардите на ЕУ и GDPR, со цел целосна заштита на приватноста. МВР апелира до граѓаните кои планираат патувања во земјите од Шенген да се информираат за новите правила за да избегнат доцнења и недоразбирања.