Пијалоци во маркет / Фото: Victoria Pogosov / Alamy / Alamy / Profimedia

На владина седница ќе се носи одлука за намалување на цените на пијалaците

Владата денеска треба да донесе одлука за намалување на цените на пијалоците. До крај на неделава се очекува да биде завршена анализата со владините мерки да бидат опфатени и хигиенските производи. За непочитување на гарантираните цени на прехранбените производи, што е во сила од минатата недела, веќе се затворени маркети.

Како што најави министерот за економија Крешник Бекшети, денеска ќе има одлука за намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалоци.

– За хигиенските производи најверојатно во текот на оваа недела ќе бидат завршени сите консултации и ќе видиме дали има простор да се донесат одредени мерки, изјави вчера Бектеши кој со премиерот Димитар Ковачевски ја посетија компанијата „Алма-М“ во Визбегово.

Според Ковачевски, со новата мерка на Владата на над 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната, месната индустрија, е намалена цената за 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август.

– Кај одредени категории и производи веќе има намалување на производите над 10 проценти, а кај некои намалувањето е од 30 проценти до 40 проценти. Во маркетите овие производи веќе добија ознака „гарантирана цена“, со оваа мерка придонесуваме и покрај инфлациските притисоци, заеднички и солидарно даваме поддршка на нашите граѓани, изјави Ковачевски.

Поради непочитување на владините мерки за намалување на цените на прехранбените производи, според министерот Бектеши, во скопскиот регион се затворени маркети на „Веро“ и „Вива фреш“.

Во над 50 контроли на Државниот пазарен инспекторат во саботата казнети се седум маркети поради непочитување на владината одлука, а затворени се пет големи ланци на маркети по основ на Законот за потрошувачи, односно по основ на нечесни трговски пратки.

Од Стопанската комора, пак, сметаат дека маркетите имале многу малку време да се усогласат во однос на намалувањето на цените бидејќи станува збор за околу 1200 артикли.

Според извршниот директор на комората Антони Пешев, мерката со затворањето е престрога, драконска, непотребна, предизвикува штети и тоа треба да биде последното нешто кон кое ќе прибегнат институциите.

– Затворањето никому не носи бенефит, особено не сега, кога се намалени цените, изјави Пешев, истакнувајќи дека очекува да се реши проблемот и маркетите повторно да почнат со работа.

Следниот месец, како што најави премиерот, ќе бидат направени и анализите за деветтиот пакет антикризни мерки кои ќе бидат насочени кон ранливите категории на граѓани и кон сите оние што во време на криза не остваруваат дополнителни приходи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот