
На помош на медицинарите ќе дојдат учениците од средно медицинско
Министерот за здравство Венко Филипче ги отфрли очекувањата на јавноста дека на денешниот состанок со Комисијата за заразни болести ќе се предложи воведување на полициски час.
Препорачано
-Денеска имаме состанок на комисијата за заразни болести во 14 часот. Ќе разгледаме некои други мерки, како забрана за работа на економските субјекти, што верувам дека граѓаните ќе се сфатат како полициски час, бидејќи групирањето е забрането, ако се воведе и целосно затворање на економските субјекти, луѓето ќе нема каде да шетаат, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешното примопредавање на амбулантни возила од АРМ.
На помош на здравствените работници Филипче очекува наскоро да им се приклучат учениците од четврта година од медицинското училиште, од насоката медицински сестри.
-Во текот на вчерашниот ден имав средба со директорката на Средното медицинско училиште за да видиме дали може дел од стажот на медицинските сестри од последната, четвртата годиа, да се помине во ковид центрите. Има некои административни работи кои денеска и во текот на вчерашниот ден ги разгледуваме и мислам дека во следните денови ќе знаеме дали можеме да сметаме на оваа бројка медицински сестри кои веќе имаат искуство со практичен дел од претходните години, изјави Филипче.
Тој нагласи дека има многу мал број случаи на Ковид – 19 во градинките, а тоа се обично случаи што го носат вирусот од надвор. Според него, и светските исксуства се такви, односно многу е мал бројот на деца кои заболуваат и затоа, потсети, беше и препораката градинките да се отворат.