
На Онкологија ги боли глава од КАТО системот, а во 250 болници низ цела Европа – не ги боли!
Добар дел од вработените на Клиниката за онкологија кои сведочеа на Анкетната комисија за скандалот во Собранието, не беа воодушевени од КАТО системот којшто бил исклучен веднаш по поставувањето. Системот за централна подготовка на цитостатици (КАТО) за нив е и скап и несоодветен во онаа состојба во која се наоѓа сега. Дел од сестрите што биле обучени да го користат, кажуваа дека и сега штедат на цитостатици, а КАТО системот не бил робот, туку повторно подготовката паѓала на медицинската сестра. Се потпишувале на лист дека ги болело глава од КАТО системот, по само два часа работа. Овој најсофистициран стандард во подготовката на онколошката терапија кој веќе е купен, за Клиниката е прифатлив само ако владата им даде пари да го одржуваат, да го оспособат, да ги плаќаат потрошните материјали и да купат комора за стерилизација.
Препорачано
– Добивме ветување од Министерството за здравство дека ќе ни помогне во овој дел. Системот е прифатлив само со целосно имплементирање, а не е прифатливо импровизирано пуштање на оној начин на кој работел одреден период, рече директорката на Клиниката, доктор Виолета Клисаровска пред пратениците.
Наместо да го надградуваат секоја година, да ги докупуваат потребните делови, да ја обновуваат лиценцата за софтверот и да создадат централа од која цитостатици ќе се дистрибуираат во сите онколошки одделенија во земјава, вработените на Клиниката го заклучиле во просторијата и продолжиле со рачното подготвување на дозите. Не бил поврзан ни со базата на пациентите која постои на Клиниката, иако според информации што ги добивме од производителот, им било убаво објаснето како да го направат поврзувањето.
Така, сега, со 150 до 200 подготовки дневно, прашање е колкава концентрација треба да има медицинската сестра да ги прави математичките калкулации за дозата за секој пациент. На Анкетната комисија беа кажувани сите работи кои што клиниката не ги презела за да го оспособи за функционирање КАТО системот, кој оневозможува злоупотреби и грешки при дозирањето и во својата највисока функционалност, обезбедува и следливост на медикаментите во сите фази во болницата додека да му бидат администрирани на пациентот. Дел од пратениците „триумфираа“ што сега се „разбила фамата“ дека некој намерно го исклучил. Парите на граѓаните од кои овој систем е набавен, „изгореа“ во различните политички афилијации и идеи како треба да се работи со наследена опрема по промената на власта.
Според директорката на Клиниката, КАТО проработел импровизирано во 2017 година и не била набавена комора за стерилизација, па стерилизацијата се вршела рачно. Таа рече дека знаела оти Клиниката набавила делови од системот и сакала добро да анализира како да го активира и да го искористи системот за централна подготовка на лекови со КАТО софтверска лиценца. Но, рече и дека во сите центри што го имаат КАТО, има голем број на подготовки на цитостатици. Според неа, најмалку 500 подготовки на ден, а на скопска Онкологија имало само 200 на ден, што бројката ја прави 52.000 подготовки годишно.
– Само за потрошен материјал од буџетот треба 130 илјади евра годишно. Затоа центрите со мала потреба на дневно ниво, за да постигнат исплатливост на системот подготвуваат терапии и за други клиники и болници па ги дисперзираат веќе подготвените терапии, рече Клисаровска.
Зошто во Македонија тоа не се прави, никого не го интересира.
– Како универзитетска клиника треба да се стремиме да имаме унапредување и софистицирање на сите процеси, па и за овој, за подготовка на терапија. Треба да се набави стерилна комора, да се направи сервис на изолаторите за што во 2022 година проценката беше 125 илјади евра. За КАТО лиценцата на софтверот требаат 25 илјади евра за три години. Да се приспособи просторот исто така. Кога бил набавен софтверот не можел да се поврзе со постојниот што го имаме во болницата, а зошто не знаеме. Софтверот е најважен и без него овој систем нема предности. Ако немате софтвер, не се вчитува информацијата што докторот ја дава, па автоматски да ја преземе клиничка аптека, па автоматски да ја преземат сестрите што подготвуваат. Треба обучен кадар, најправилно фармацевтски техничар, но може и медицинска сестра. Зошто е исклучен? Најверојатно зашто работел само хардверот и медицинските сестри кои работеле чувствувале здравствени проблеми после два часа од подготовка на терапијата. Напишале писмо до директорот дека одбиваат да работат, изјави доктор Клисаровска.
Приказна за мали деца е дека е толку тешко КАТО да профункционира, ако се сака
Според неофицијални информации на „Слободен печат“ за овој систем целосно да проработи ќе бидат потребни 350-400 илјади евра, пари што треба да се употребат за обновување на лиценцата која некој ја оставил да истече без да ја користи, како и за набавка на комора за стерилизација. Нашите извори запознаени со системот коментираат дека е неможно сестрите да ги болела глава од системот, бидејќи амбиенталниот воздух во него влегува, се прочистува со ХЕПА филтер, а надвор излегува чист воздух. Во ниедна болница каде што бил инсталиран, никој не се пожалил на главоболки. Вагите во КАТО системот би морале да работат, зашто на нив се мери гравиметриски цитостатикот со непобивачка прецизност. Нашите извори велат дека на Клиниката уште порано ѝ дале точни насоки како да го поврзе КАТО системот со внатрешната база каде стојат имињата и досиејата на пациентите, што не се случило. Според нив подготвениот лек со централна подготовка има поголема ефикасност, што овозможува штедење на дозата и поголема потентност.
Економската исплатливост е дефинитивна и не може да се побие, бидејќи сите болници што го имаат, само во првата година од користењето на КАТО имаат заштеда од 18 проценти од лековите. Тоа во македонски услови се мери во стотици илјади евра заштеда на годишно ниво.
Мало гратче во Словенија, Изола, со само 5 илјади подготовки годишно користи КАТО систем. Точно е дека го користат и многу големи центри, ама има и болници со помалку подготовки од оние на скопската Клиника за онкологија што го користат без проблеми. На Онкологија има 52 илјади подготовки на цитостатици годишно и КАТО фаќа прашина. А во Пула со 16 илјади годишно функционира. Функционира и во Задар со 12 илјади подготовки годишно. И во КБЦ Осијек со 60 илјади подготовки функционира. Има и некои места, со петпати помал број на подготовки на годишно ниво кадешто овој систем им се исплаќа како на пример Цеље, со 10 илјади годишно, Браила во Романија со 15 илјади годишно, НАТО болницата во Атина со 15 илјади годишно. Додека Клиниката за онкологија ја боли глава од КАТО системот, во 250 други болници во Европа, КАТО системот е лек за главоболката поради заштедата на пари. Така и тој беше најавен пред телевизиските камери при пуштањето во употреба. Тогашниот директор, доктор Милан Ристевски настапи пред камерите со зборовите:
„Денеска спасивме две ампули ‘кејтруда‘ а секоја чини 1.600 евра, затоа што системот точно мери до крај“.
Само до 2020 година, КАТО системот го користеле десетици болници во Австрија, Германија, Швајцарија, Белгија, Хрватска, Чешка, Данска, Унгарија, Исланд, Ирска, Израел, Италија, Латвија, Луксембург, Холандија, Полска, Словенија и Обединетото Кралство. Оттогаш ним им се приклучи и Грција и бројни други држави, а Македонија иако прва во регионот го набави КАТО системот, остана последна во регионот да не го користи.
.