На кого му избега насилникот што за малку не го уби директорот на Центарот за социјални работи Прилеп и социјална работничка?!

На кого му избега насилникот што за малку не го уби директорот на Центарот за социјални работи Прилеп и една социјална работничка – дали на МВР, на затворската полиција или пак на самата јавна здравствена установа? Одговор на прашањето кој го вршел транспортот уште нема. Полициски службеници од Демир Хисар вчера биле во болницата да вршат проверки и на разговор го викнале и директорот. Тие вршат проверки како А.Ј. успеал да избега при транспортот од психијатриската болница до Основен суд Прилеп во пробациска канцеларија и на кој начин дошол до оружјето.

Директорот на ЈЗУ Психијатриска болница „Демир Хисар“ Жан Лозановски одбива да коментира и спушта телефонска слушалка запрашан за спроводот. Тој раководи со јавна здравствена установа во државна сопственост и е именуван функционер, но не дава одговори на нашите новинарски прашања како се случило бегството и кој бил одговорен за лицето во моментот кога тоа избегало. Сè кажал во полиција, а јавноста останува неинфомирана чии се очигледните пропусти на синџирот што треба да обезбеди безбеден транспорт за пациентот.

– Сè е во полиција со документи, а на Фејсбук страницата е објавено соопштение – ни изјави тој пред да ја спушти слушалката.

На Фејсбук страницата на психијатриската болница пак, не е објавено ништо освен тоа дека постапката е сензитивна и тоа во една реченица.

„Психијатриската болница Демир Хисар информира дека навремено се известени надлежните институции, вклучувајќи го и ЦСР Прилеп и во постојана комуникација сме со Министерството за внатрешни работи од каде може да се добијат дополнителни информации со оглед на сензитивноста на постапката“, гласи соопштението од болницата за кое директорот Лозановски смета дека е доволно и опширно.

Пиштолот со кој лицето пукало кон вработените во Центарот за социјални работи Прилеп е „берета“, а спроводот бил вршен до пробациска канцеларија во Прилеп. Но, кој го вршел спроводот и на кого му избега осуденикот?

Осомничениот, согласно евиденцијата, е претходно осудуван за кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста, демнење и други кривични дела, против него во постапка се и други пријави, а во моментот издржувал мерка на безбедност – Задолжително лекување во психијатриска болница од каде избегал.

Според полицијата, лицето што пукаше во Центарот за социјални работи Прилеп, избегало неколку денови пред да влезе во канцеларијата на Центарот за социјални работи и да застрела социјална работничка. Бегството било пријавено на 21 март во 20 часот и 30 минути, три дена пред да го изврши обидот за убиство.

36-годишната социјална работничка М.Ѓ. заврши на болничко лекување, а социјалните работници ширум државата на протести. Тие побараа да им биде дадено физичко обезбедување на просториите зашто со години трпат вербално, физичко, психолошко насилство од странките, како и физички напади само зашто постапуваат во службата.

Денеска Министерството за социјална политика, демографија и млади одговори на барањата на социјалните работници дека ќе ангажира физичко обезбедување на сите центри и јавни установи за социјална заштита на ниво на држава. Обезбедување даночните обврзници плаќаат и за во психијатриската болница Демир Хисар односно така било предвидено во годишниот план за 2024 година објавен овде. 

Комисијата за заштита од дискриминација поведе постапка против „Демир Хисар“

 

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денеска поведе постапка по службена должност против ЈЗУ Психијатриска болница – Демир Хисар, ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје и Министерството за здравство, за заштита од дискриминација на пациентите во здравствените установи, врз основа на здравствен статус, во областа пристап до здравствените услуги.

Комисијата, по допрен глас доби информација дека ЈЗУ Психијатриска болница – Демир Хисар не располага со потребни капацитети, односно санитетско комбе, адекватен и доволен медицински кадар, лица задолжени за хигиена на пациентите, што доведува до неадекватна нега на пациентите во болницата и ги става овие лица во понеповолна положба за разлика од други пациенти.

Врз основа на добиените информации, Комисијата се обрати со Барање за информации до надлежното Министерство за здравство и ЈЗУ Психијатриска болница – Демир Хисар, од каде ги побара следните информации: Дали Психијатриската болница располага со санитетско возило или возило за брза помош за превоз на пациентите? Кој е точниот број на медицински сестри и негуватели кои работат со пациентите?
Дали има дежурни медицински сестри за 24 часовна поддршка на пациентите кои имаат потреба од постојана нега? Точен број на вработени доктори во болницата по специјалност? Вкупен број на вработени во болницата? Информација за вкупниот број на сместени пациенти? Колкав е капацитетот на болницата и дали е исполнет? На каков начин се одржува хигиената во болницата и дали има вработени лица за одржување на хигиената (број на лица и колкава е површината на болницата)? и Дали има лице за одржување на личната хигиена на пациентите (бричење, стрижење и сл.).

Истовремено, било доставено и барање за информации до надлежното Министерство за здравство, од каде беа побарани следните информации:

Дали Психијатриската болница располага со санитетско возило или возило за брза помош за превоз на пациентите? Дали се вршат редовни инспекциски надзори на работењето на ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар, и доколку има достапни извештаи за констатираните состојби, да ни ги достави. Да ни достават информации дали се преземаат активности предвидени во Националната стратегија за унапредување на менталното здравје 2018-2025 година, а кои се однесуваат на деинституционализација, односно постепено преминување од институционалниот облик на грижа кон услуги кои се обезбедуваат во заедницата за лицата со ментални потешкотии, односно намалување на долгорочната хоспитализација.
Дали имаат преземено конкретни активности за подобрување на условите во психијатриските болници, односно инвестирање во подобрување на инфраструктурата, вклучувајќи хигиенски и просторни услови, како и обезбедување на современа опрема и ресурси за третман на пациентите и Колку Центри за ментално здравје функционираат на територија на Република Северна Македонија, дали се соодветно екипирани и дали имаат план за проширување на мрежата на вакви центри и во други општини во државата?

Необезбедувањето на еднаков третман на пациентите поради нивната здравствена состојба може да доведе до дискриминација во пристапот до здравствена заштита. Согласно член 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација се забранува дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа, велат од Комисијата.

Член 23, став 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација прецизира дека Комисијата покренува постапка по службена должност ако од околностите и фактите, како и од сознаниeто добиено по допрен глас, основано произлегува дека од страна на органите е извршена дискриминација во согласност со дискриминаторските основи.

Имајќи ги предвид податоците добиени од одговорот на ЈЗУ Психијатриска болница – Демир Хисар, кои ја отсликуваат фактичката состојба, како и информациите добиени по допрен глас за состојбата во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, а при тоа имајќи предвид дека е засегната поголема група на лица, Комисијата согласно надлежноста од член 21, став 1, точка 15 донесе одлука за поведување постапка по службена должност, велат оттаму.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот