На граѓаните им преседнуваат патувањата поради неисправни автобуси

И по триесетина години од функционирањето, како и од носењето разни закони, правилници и лиценци, кои би требало да гарантираат квалитет, до институциите постојано има значителен број поплаки за туристичките аранжмани, каде што потрошувачите приговараат на нереализирана програма и непочитување на договорните услови

Ако не е сместувањето, тогаш има проблеми со превозот, реагираат граѓани што користеле и сè уште користат услуги од туристички агенции. И по триесеттина години од функционирањето, како и од носењето на разни закони, правилници и воведените лиценци, кои би требало да гарантираат квалитет, до институциите постојано има значителен број поплаки за туристичките аранжмани, каде што потрошувачите приговараат на нереализирана програма и непочитување на договорните услови.
Таков е случајот на Раде Стојчески од Скопје, кој за 8 Март со агенцијата „Идеал травел“ од Скопје, уплатил аранжман за Будимпешта, но патувањето му преседнало поради неисправен автобус.

– Автобусот со кој патувавме беше случајно избран за контрола од австриски полицајци за влез во Австрија од Унгарија. Притоа беше утврден некој сообраќаен прекршок и од нивна страна автобусот беше ставен на технички преглед, при што беше утврдено дека возилото било управувано во неисправна состојба, со пукната оска на задните тркала. Автобусот беше исклучен од сообраќај и беше повикана екипа за отстранување на дефектот. Возачот по проверката го тргна автобусот настрана и оската целосно се скрши, а задните тркала се искривија, при што веќе беше невозможна поправка. Околу 4 часа чекавме друг автобус од Виена за да го продолжиме патувањето. Во автобусот патуваа 77 патници, а австриските полицајци нè информираа дека во текот на возењето можело да се случи поголема катастрофа – објаснува Стојчевски за „Слободен печат“.

Од ТА „Идеал травел“ го потврдија настанот за нашиот весник, информирајќи нè дека во консултација со пазарната инспекција, на патниците им вратиле 50 отсто од сумата за факултативни разгледи. Агенцијата има А лиценца и десет години работи на македонскиот пазар.

– Со години изнајмуваме автобуси за нашите туристички патувања и работиме со фирми од цела Македонија. И во случајот со патувањето за Будимпешта, склучивме договор за изнајмен автобус што беше исправен. Како и во случај кога патувате со приватно возило, може да се случи дефект, а штом ја добивме информацијата дека автобусот се расипал, ангажиравме друг од Виена и со него го продолживме патувањето. Жалиме за настанот и поради тоа самоиницијативно го продолживме дневниот престој во Виена, а по враќањето во Скопје, на патниците им рефундиравме 50 отсто од парите платени за факултативни разгледи – посочија од „Идеал травел“ за „Слободен печат“.

Царината извршила повеќе од 8.000 контроли на лиценците за јавен превоз

За една недела Царинската управа извршила 8.181 контрола на лиценците за вршење јавен превоз, сертификатите на возачи, како и дозволи за превоз што треба да ги поседуваат товарните моторни возила и автобусите во меѓународниот патен сообраќај.
Во четири случаи се утврдени неправилности во делот на лиценците, од кои за три се водат преткривични постапки од Секторот за контрола и истраги, а во 69 случаи камионите се вратени назад поради утврдени неправилности во делот на сертификатите за професионална компетентност на возач.

Неправилностите во делот на лиценците за вршење јавен превоз во меѓународен патен сообраќај, се откриени при контроли во царинска подружница Блаце, Богородица и Ново Село. Во три од случаите што се откриени во Ново Село и Богородица во моментов се води преткривична постапка од Секторот за контрола и истраги, а поради постоење основано сомневање дека е сторено кривично дело фалсификување исправа или вршење јавен превоз без поседување лиценца казниво по Кривичниот законик.

Во случајот откриен на царинска подружница Блаце на излез од државата правното и физичкото лице се казнети од Државниот инспекторат за транспорт заради прекршување на Законот за превоз во патниот сообраќај, а возилото е отстрането од сообраќај со земање на дозволата.
Во изминатиот месец Секторот за контрола и истраги поднесе три кривични пријави до Основното јавно обвинителство Гевгелија поради фалсификување лиценци за вршење превоз на стока во меѓународен патен сообраќај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот