На чие конто ќе завршат гласовите на Река во вториот круг?

Албанските гласачи кои на 5 мај ќе успеат да ја совладаат политичката депресија во која е западнат целиот електорат, се очекува да гласаат за кандидатот на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски. Гордана Силјановска Давкова, можеби нема лош имиџ кај албанските гласачи, но сепак национализмот што ВМРО-ДПМНЕ го одгледува перманентно, не им дава на овие гласачи да и ја дадат поддршката, оценуваат политичките аналитичари.

Вчера лидерот на СДСМ Зоран Заев, рече дека на Пендаровски му се потребни гласовите од претседателскиот кандидат Блерим Река кој испадна во првиот круг од претседателските избори.

– Ни требаат гласовите од Река, да, ни требаат сите. Ги покануваме да ни се придружат на концептот на единство. Да се придружиме сите на концептот што не носи рамо до рамо со современиот европски свет – нагласи Заев.

Силјановска Давкова гласовите на Река ги побара веднаш по завршување на првиот круг.

Река во првиот круг освои 80.000 галасови, а во кампањата успеа да привлече голем број симпатии, не само кај албанските гласачи, туку и пошироко.

Иако Силјановска на Река му се додворуваше уште во кампањата, сепак, досега сите демантираат дека има меѓупартиски договор за вториот круг на гласањето закажан за 5 мај.

Аналитичарот Мерсел Биљали вели дека во првиот круг општото расположение кај албанскиот електорат беше да даде поддршка на Блерим Река, како Албанец.

– Иако треба да е јасно дека гласачите никој не може да ги чува во џеб и да ги управува со далечински управувач, во вториот круг очекувам албанскиот електорат кој ќе излезе на гласање да даде поддршка на Пендаровски, заради мултиетничкиот концепт на оваа влада, како и определбите за ЕУ и НАТО – вели Биљали.

Според него, за Силјановска би гласале само многу мал број албански гласачи кои имаат силна омраза кон ДУИ.

– Силјановска нема толку негативен ефект, но има паријата ВМРО-ДПМНЕ поради национализмот кој перманентно го одгледува и тоа што партискиот лидер ги повика македонските гласачи, но не и албанските, да излезат на гласање и со онаа изјава во која алудира дека Македонија им припаѓа Македонците – вели  Биљали.

Професорот Денко Малески вели дека ако живееме во некое минато срамно време за македонската демократија можеби ќе беа можни зделки за гласови.

– Денес, како што покажа гласањето во првиот круг, се одржуваат избори со поинакви европски стандарди. Ако ништо не се смени во поведението, во вториот круг ќе биде оставено на совеста на гласачите да се одлучат дали ќе гласаат за некој од двајцата кандидатите или воопшто нема да излезат на гласање. Политиката на компромиси и доближување како пат со станување членка на ЕУ и НАТО, која ја промовира Пендаровски, би требало да ги привлече сите албански гласачи, бидејќи Албанците, во огромен процент се за таа политика – објаснува Малески.

Според него, би било големо чудо албанските гласчи да се одлучат за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ја исклучувам таа оппција. Но, проблемот на албанските гласачи, исто како и на македонските, е во тоа што се депримирани од македонската политика, па затоа постои опасност да не излезат на гласање – вели Малески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот