
МВР: Уапсениот бизнисмен Крмзов, други 22 луѓе и 15 фирми ја оштетиле државата за 94,3 милиони евра
МВР попладнево се огласи околу апсењето на познатиот струмички бизнисмен Ристо Крмзов, соопштувајќи дека е поднесена кривична пријава против Р.К.(56), З.К.В.(30) и В.П.(29), од Струмица за „злосторничко здружување“, за „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночна измама“ против 22 други лица и 15 правни лица. Со ова, како што велат од МВР, пријавените оствариле противправна имотна корист во вкупен износ од 5.801.937.796 денари или 94,3 милиони евра, на штета на државниот буџет.
Препорачано
Кривична пријава е поднесена против Р.К.(56) , З.К.В.(30) и В.П.(29), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночна измама“, против Г.Т.(48), Д.М.(60), П.К.(67), В.К.(26), K.С.(41), К.М.(40), Н.Ф.(43), М.К.(48), М.М.(68), Е.Т.(61) и З.М.(59), сите од Струмица, за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ и „даночна измама“, против С.П.(58), С.М.(58), Л.К.(52), Л.Б.(37), С.Т.(66), М.П.(60), Ј.Т.(44), А.К.(35) и Ј.Г.(66), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против 15 правни лица од Струмица за „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночна измама“.
„Пријавените Р.К., З.К. и В.П. во текот на 2019 година организирале злосторничко здружување кон кое се приклучиле Г.Т., Д.М., П.К., В.К., K.С., К.М., Н.Ф. – управители на пријавените правни лица, С.П., С.М., Л.К., Л.Б., С.Т., М.П., Ј.Т., Ј.Г. и А.К. – инспектори од УЈП и М.К., М.М., Е.Т., З.М. – овластени сметководители, кое имало за цел остварување на нелегален профит за себе, а на штета на државниот буџет. Заради остварување на оваа цел, организаторите на злосторничкото здружение од 2019 до 2024 година ги користеле и ги имале на располагање правните лица во кои организаторите на здружението во дел од нив биле запишани како основачи и управители, а во дел не, но реално управувале со нив, давале инструкции за постапување, користејќи дел од членовите на здружението како фиктивно запишани основачи или управители“, велат од полицијата.
Организаторите на злосторничкото здружение, користејќи ги правните лица кои ги формирале, изготвувале и заверувале фактури со невистинита содржина, внесувале податоци за наводно извршен промет на добра и услуги, за кој пријавените знаеле дека не бил извршен и дека за истиот не биле вршени плаќања на банкарските сметки, сопственост на правните субјекти во што дополнително со свои дејствија им помогнале пријавените сметководители и даночни инспектори од УЈП, наведуваат од МВР.