Протест во Кочани / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

МВР тврди дека нема кривични за протестите во Кочани, ВМРО-ДПМНЕ вели дека 6 лица биле повикани само на разговор

Министерството за внатрешни работи поднело кривични пријави за лица кои не ја почитувале одлуката на Владата за седумдневна жалост, но не и за било каков протест како што тврдеше опозициската СДСМ, велат од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“.

-МВР до сега поднесе три кривични пријави, но тие се за лица кои не ја почитуваа одлуката на Владата за прогласена седумдневна жалост, односно пуштаа музика и правеа огномети во период на седумдневна жалост, а не за било каков протест. СВР Скопје поднесе две кривични пријави за кривични дела „организирање отпор“ и тоа против едно лице од Скопје, кое во деновите на жалост било затекнато во Градскиот парк, како од звучник пуштало гласна музика и против две лица од Скопје кои во деновите на жалост на подрачје на Центар запалиле огномет. Исто така, СВР Охрид-ОВР Кичево поднесе една кривична пријава против едно лице, кое во деновите на жалост во неговиот угостителски објект во Кичево организирал забава на која била пуштана гласна музика – велат од МВР.

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на прес – конференција изјави дека МВР поднеле кривични пријави против граѓани за објави на Фејсбук и против младите кои протестирале во Кочани.

-Ниту еден функционер од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ не е повикан на распит, ниту опфатен со постапка. Наместо тоа, МВР поднесува кривични пријави против граѓани за објави на Фејсбук, кои јавно бараат правда и неселективна истрага. Дури и на младите кои протестираа во Кочани и го изразуваа својот револт за загубените животи на нивните другари и другарки МВР им поднела кривични пријави. Не се повикуваат оние кои биле на функции, ама затоа се гонат младите кои пишуваат на Фејсбук? Дали МВР смета дека на овој начин некој треба да биде замолчен? Слободата на говор не е закана за истрагата. Ги повикуваме и Хелсиншкиот комитет и другите организации за човекови права да реагираат – рече денеска Кузеска.

Пред одговорот од МВР, ВМРО – ДПМНЕ излезе со реакција на прес-конференцијата на СДСМ во која објави дека нема кривични пријави за протестите и немирите во Кочани, ниту пак има кривични за објави на Фејсбук, туку шест лица само се повикани на разговор.

-СДСМ и Богданка Кузеска продолжуваат да лажат и да ја манипулираат јавноста. Тоа веќе им премина во хронична навика. Нема кривични пријави за какви што зборува Кузеска на прес-конференцијата, тоа е целосна измислица. Во врска со протестите и немирите во Кочани, 6 лица кои учествуваа во толпа само се повикани на разговор и тоа не резултираше со кривични пријави. Ниту пак има некаква активност, односно кривични пријави, како што вели Кузеска, за објави на Фејсбук. Оттука се покажува само едно, СДСМ и Богданка Кузеска, а отворат уста, лажат – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

По трагедијата во Кочани во која загинаа 62 лица имаше протести на кои младите го изразија својот револт против институциите за смртта на нивните блиски и кршеа во Општината во Кочани, а го демолираат и другото кафуле во центарот на градот во сопственост на газдата на дискотеката која изгоре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот