
МВР ја нема објавено потерницата за убиецот од Батинци кој застрела армиски офицер
Министерството за внатрешни работи го бара со меѓународна потерница Муса Џавит кој застрела армиски офицер пред селото Батинци, но потерницата ја нема објавено. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не одговори конкретно зошто јавно не се бара убиецот и даде само малку информации за случајот.
Препорачано
– МВР го расветли случајот од аспект на сторител и преземени дејствија. Постапуваме во насока на идентификување на локација на сторителот и не би сакал да навлегувам повеќе во детали. Не би можел да изнесам повеќе информации во јавноста од она што ви го кажав во врска со конкретниот предмет – изјави Тошковски.
Вообичаено Министерството само проценува дали за некого што се бара со потерница, јавно ја објавува потерницата или не.
Џавит се барал со меѓународна потерница и пред убиството на офицерот за убиство што се случило минатата година исто во Батинци, а беше поврзано со нарачани убиствата нарачани од кланот Беланоца.
Тошковски тврди дека Македонија е далеку побезбедна од тоа што беше пред две години.
– Опозицијата нормално е дека ќе си дава изјави такви какви што си дава и нормално дека ќе обвинува. Добро би било да има додаена вредност на тоа што го прави опозицијата, да не е само паушално и да не е само празни обвинувања за да бидат присутни во етерот, но тоа е нивна работа и нека си оценат како ќе продолжат понатаму – рече Тошковски.