
МВР: Не водиме постапка против Ивановска, за пријавата треба да одговори Обвинителството
Во врска со случајот со поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека против неа не води никаква постапка, велат од МВР. Известувањето следува по реакцијата на Ивановска која вели дека истиот ден кога ја објави нејзината кандидатура за градоначалник на Центар, полицијата затропала на нејзината врата за да ѝ врачи кривична пријава.
Препорачано
„За сите пријави и постапки кои што ги води Обвинителството, тоа е единствено надлежно за одговори во врска со нив“, велат од МВР.
Од Обвинителството претходно информираа дека станува збор за покана за испитување и оти таа на ниту еден начин не се доведува со политичките активности на Ивановска. OJO потоа соопшти дека ѝ дозволило на Ивановска исказот да го даде по изборите.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.2.2025 година и презема дејствија за да ги провери наводите. Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од обвинителството е испратена на 25.7.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“, велат од Обвинителството.
Ивановска денеска на својот фејсбук-профил информира дека 11 часа откако ја објави кандидатурата, полицајци ја побарале во нејзиниот дом за да и достават кривична пријава.
„Синоќа во 20:30 ч. двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава веднаш појдов да ја подигнам поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со ‘Независни заедно’ е отпор против воспоставените антивредности на корупција и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација“, вели Ивановска.
Независните ја кандидираат поранешната прва антикорупционерка Ивановска за градоначалничка на Центар