Заварена шахта/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

МВР наредило, „Водовод и канализација“ спровело: Заварени шахтите каде што се движат штитени личности

Заради исполнување на протоколот за обезбедување личности под заштита и странски делегации при движењето од едно место до друго, како што објаснуваат од МВР, се преземаат мерки и активности за целосно обезбедување на трасата, меѓу кои и контрола и затворање на шахтите.

Екипите на „Водовод и канализација“ неодамна ги заварија сите шахти на тротоарите и на коловозот по должина на булеварот Партизански одреди. Од претпријатието, на прашањето по чиј налог ги извршиле овие активности, одговорија дека шахтите се заваруваат по наредба на МВР и дека тоа е така со години.

Последно ова е направено на Партизанска, но тоа не е единствен случај.

Во целото централно градско подрачје шахтите се заварени подолго време заради безбедносни причини, вклучувајќи ги и споменатите улица Водњанска, булевар Илинден, пред Собрание – велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Дека станува збор за зголемување на безбедноста е јасно штом зад тоа стои Министерството за внатрешни работи. На прашањето до Министерството дали сметаат дека булеварот е небезбеден и за кого, оттаму не одговараат прецизно што ги поттикнало да издадат ваква наредба, но велат дека врз основа на Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите мерки и активности и степените на обезбедување, Одделот за заштита на определени личности и објекти при МВР е надлежен за „преземање мерки и активности за противдиверзионо и дефанзивно – електротехничко обезбедување при обезбедување личности под заштита“.

 Од досегашната практика и во согласност со Упатството за примена на безбедносни мерки и активности за обезбедување на определени личности, странски државници, странски и меѓународни делегации во објекти и за време на одржување јавни собири и манифестации, Одделот ги презема горенаведените мерки за обезбедување на просторот каде што се одржуваат јавни манифестации, а воедно и трасите на движење на придружните возила наменети за штитени личности, вклучувајќи го и просторот во должина на булеварот Партизански одреди – велат од Министерството.

Оттаму објаснуваат дека заради исполнување на протоколот за обезбедување штитени личности и странски делегации при движењето од едно место до друго, потребно е преземање мерки и активности за целосно обезбедување на трасата, меѓу кои се опфатени контрола и затворање на шахтите.

За таа цел, доколку е утврдено за потребно, Министерството за внатрешни работи преку соработка со надлежните институции, меѓу кои е и Јавното претпријатие „Водовод“, побарува да преземат мерки, со кои би се овозможило доследно спроведување на правните прописи со кој се регулира горенаведената тематика – прецизираат од МВР.

Заварени шахтите на Партизанска: Чија безбедност штити МВР?

Познато е дека навистина честопати на булеварот Партизански одреди се одржуваат јавни манифестации, а по него повремено се движат и странски делегации, но досега шахтите не беа затворени. Сега безбедноста е издигната на повисоко ниво, веројатно затоа што по булеварот секојдневно се движи премиерот Христијан Мицкоски од и кон својот дом. Од истите причини се заварени и шахтите што се наоѓаат на улицата Водњанска, која води кон резиденцијата на претседателот на државата, но и оние пред двата најважни објекти – Собранието и Владата.

Според Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, МВР со редовни, вонредни и посебни мерки и активности постојано ги обезбедува претседателот на Македонија, претседателот на Собранието, премиерот, замениците на премиерот, потоа министрите за внатрешни работи, за одбрана и за надворешни работи, како и директорите на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање.

Во Уредбата исто така се наведува дека мерките за обезбедување се преземаат за создавање безбедносни услови за непречено одвивање на активностите на овие личности, нивна заштита во објектите каде што престојуваат и при нивното движење до одредена дестинација, како и за обезбедување лична сигурност на другите лица што по разни основи престојуваат во објектите кои се обезбедуваат.

Од аспект на безбедноста, постапката со заварувањето на шахтите е сосема јасна. Нејасно е само како се врши дезинсекција и дератизација во затворените шахти, што е обврска да се прави двапати годишно, за да се спречи размножувањето на глувци и стаорци низ градот.

Доколку, пак, има некој дефект или невреме од поголеми размери, сосема е извесно што ќе направат екипите на јавното претпријатие – ќе ги кршат, а потоа одново ќе ги заваруваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот