
Музејот од Свети Николе се подготвува за големата изложба „Билазора”
Општинската установа Народен музеј Свети Николе се подготвува за големата изложба на артефакти од локалитетот Градиште во село Кнежје.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Директорот на Народен музеј на Свети Николе Александар Данев за МИА појаснува дека ова е резултат на континуирани систематски археолошки истражувањa од 2008 до 2018 година. Изложбата е насловена „Билазора”, постојана поставка, а нејзиното свечено отворање е в петок во 20 часот.
– Истражувањата се организирани од Народен музеј Свети Николе во соработка со TFAHR-USA, фондација за археолошки и историски истражувања и Институтот за археологија и историја на уметност при Филозофскиот факултет. Локалитетот се простира на околу 30 хектари и се наоѓа на четири километри западно од Свети Николе. Градот Билазора опстојува од 7-2 век п.н.е., а најголем подем доживува во 5 и 4 век п.н.е. и се развивал во четири последователни фази, вели Данев.
Тој истакна дека артефактите што може да ги види публиката се наоѓаат во состав на постојаната поставка, се плод на систематските археолошки истражувања и потекнуваат од акрополот Билазора, односно пропилонот и владетелскита палата, кои датираат од 5 и 4 век п.н.е.
– Се работи за репрезентативни примероци на пајонска керамика, предмети од метал, нумизматика, и камена пластика. Посебно место зазема диорамата, односно макетата на самиот локалитет во размер 1:100 и се однесува на досега истражениот дел каде е претставен акрополот, вели Данев.
Проектот е реализиран со финансиска поддршка на Министерството за култура, Народен музеј на Свети Николе, како и со поддршка на фирми и организации и Општина Свети Николе, а е заокружен со делото на академскиот вајар Димче Димески – автор на диорамата