
Муртезани: Преку Планот за раст и Реформската агенда покажавме политичка зрелост и подготвеност да ја донесеме Европа дома
Спроведени политики, активирани фондови, конкретни институционализирани чекори и зголемена видливост на нашата евроинтеграција. По 12 месеци подготвени сме да покажеме отчет и резултати. Европските интеграции не се само декларативна цел, туку операционализирана политика, порача министерот за европски прашања Орхан Муртезани по повод една година Влада.
Препорачано
Во 12 месеци, Муртезани посочи дека е ревидирана преговарачката структура земајќи ги предвид новините во пристапните преговори, така што Министерствозо за европски прашања ја има централната координативна улога во националниот систем за координација на процесот на интеграција, и истиот вклучува околу 150 институции и над 800 експерти од администрацијата кои учествуваат во подготовка на преговарачките позиции.
-Сето ова го правиме со фокус на суштината, а тоа се реформите … Работиме со факти, со бројки, со реални ефекти врз граѓаните. Со овие резултати не само што го зацврстуваме кредибилитетот дома, туку испраќаме и порака до Брисел дека Северна Македонија е подготвена со капацитет, волја и со визија – порача Муртезани, на прес-конференција по повод една година Влада.
Најголем поттик за реформската енергија, според Муртезани е преку Планот за раст и Реформската агенда.
-Ги завршивме сите законски процедури пред останатите земји од регионот и ги повлековме средствата од предфинансирањето во висина од 52,5 милиони евра. Го доставивме и првото барање за ослободување на средства во висина од 17 милиони евра, од кои над 9 милиони евра се за капитални инвестиции. Ова покажува политичка зрелост, лидерство и подготвеност да ја донесеме Европа дома преку реализација на реформите во областа на владеење на правото и зајакнување на правната држава, унапредување на системот за управување со јавните финансии, поддршка на енергетската транзиција и нови стандарди во корпоративното управување – изјави Муртезани.
Паралелно, посочи тој, дека се координира ревидирањето на инвестициските проекти во рамки на Инструментот за реформи и раст од Реформската агенда и планирање на процесот на инвестициската рамка за Западен Балкан, на чија листа моментално се 19 проекти во вкупна вредност од 1,1 милијарда евра.
-Добиени се четири грантови за техничка помош при Инвестициската рамка за ЗБ и аплицирано е со два проекти за техничка помош и два инвестициски грантови при WBF за техничка помош на Северна Македонија – нагласи Муртезани.
Финализирано е и програмирањето на ИПА 2025-27 со 67 милиони евра насочени кон стратешки сектори, вклучително владеење на правото, образованието, јавната администрација и иновациите.
-Оваа динамика е директен доказ за зајакнатата координација помеѓу институциите, поттикната со секторските работни групи и мониторинг механизмот – рече Муртезани.
Донесени се, информираше Муртезани, и акти за структурата за Планот за раст, кој ја дефинира структурата за координација на четирите столбови на планот, како и структурата за реформската агенда, каде се дефинирани надлежностите во спроведувањето, следењето, евалуацијата и известувањето.
-Нивната операционализација ќе овозможи систем за навремено спроведување на обврските и систем за рано предупредување за евентуални ризици, како и систем за контрола и ревизија за спречување можни коруптивни активности или злоупотреби – изјави Муртезани.
За превод на правото на ЕУ на над 20 илјади страници, информираше дека се обезбедени дополнителни 35 милиони денари буџетска поддршка за 2025 година.
-Со поддршка на ЕК започнуваме пилот-проект за употреба на вештачка интелигенција во процесот на превод. Северна Македонија е прва во регионот во овој напреден пристап – изјави Муртезани.
Ревизијата на двата патокази кои се одредници за отворање на првиот кластер Фундаметални вредности – Патоказот за владеење на правото и патоказот за реформите во јавната администрација, Муртезани информираше дека се финализираат со надлежните институции и ЕК и по усвојување од Владата ќе бидат доставени до ЕК за нивна процена и проследување до Советот.
-Третиот патоказ за функционални демократски институции се финализира и првиот драфт е доставен до Комисијата за коментари, но тој не е одредница за отворање на првиот кластер – рече Муртезани.
Министерството за европски прашања, според Муртезани, функционира како вистински европски хаб со Академија за ЕУ во подготовка, со воспоставени структури за координација, мониторинг и евалуација со капацитети за комуникации со јавноста и стратешки партнерства.