фото: EPA/Mariscal

Мумбру до крајот на Евробаскет нема да ја води Германија

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Германија, Алекс Мумбру, нема да го предводи тимот до крајот на Европското првенство поради здравствени проблеми.

Германците за остатокот од Евробаскет ќе бидат предводени од помошникот на Мумбру, Алан Ибрахимагиќ, кој го водеше тимот за време на натпреварите од групната фаза, објави Германската кошаркарска асоцијација.

– Во изминатите неколку дена сфатив дека не сум физички подготвен да го водам тимот од клупата за време на натпреварите. Решив да ги прилагодам улогите на стручниот штаб и да му ја дадам на Алан одговорноста за главен тренер за време на натпреварите. Ќе продолжам да бидам на клупата, да го поддржувам тимот и ќе продолжиме тесно да соработуваме. Верувам дека ова е најдобриот начин да му помогнам на тимот да постигне успех – рече Мумбру.

Мумбру беше хоспитализиран поради акутна инфекција непосредно пред првиот натпревар на германската репрезентација на овогодинешното Европско првенство, а осминафиналниот натпревар против Португалија беше првиот во кој тој го предводеше својот тим од клупата.

Германската репрезентација, заедно со Турција, е единствената непоразена репрезентација на овогодинешното Европско првенство, каде што ќе играат против Словенија во четвртфиналето.

Германија е актуелен светски шампион, а ова е прв голем турнир за Мумбру, откако го замени Гордон Херберт како тренер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот