
Муцунски тврди ќе се градат само неколку згради, жителите не отстапуваат: Нема место за згради во Лисиче!
На локацијата на која е предвиден нов ДУП во Лисиче не станува збор за изградба на стотици згради и наводно некакво „бетонирање“, напротив станува збор за детален урбанистички план кој подразбира изградба на околу 95% објекти за индивидуално домување (куќи) и само неколку колективни станбени згради, а овој ДУП за прв пат предвидува и изградба на нов парк во населбата Лисиче.
Препорачано
Ова го изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, на денешната прес конференција свикана по неколкудневните обвинувања од СДСМ и Левица, но и од граѓани на Лисиче, дека со планот се предвидува изградба на стотина згради, по што следеа и деманти и објаснувања од Општина Аеродром.
Донесувањето на Деталниот урбанистички план за еден дел од населбата Лисиче е процес кој е во фаза на консултација со јавноста, документ чија изработка е иницирана за време на мојот претходник Златко Марин, односно пред моето доаѓање за градоначалник во Општина Аеродром, а која на најтранспарентен начин, во консултација со јавноста и во согласно со законите се реализира додека јас сум градоначалник во Аеродром. Тука би сакал само да потсетам дека, токму СДСМ во 2019 година донесе ДУП, на локација која се наоѓа на 50 метри од локацијата која сега за нив е спорна, а каде веќе се изградени четири станбени згради – рече градоначалникот на Аеродром.
Според Муцунски станува збор за координирана кампања насочена кон ширење лажни вести и дезинформации пред граѓаните, со која владејачката коалиција се обидува да направи дефокус, но и да ги затскрие сопствените крупни коруптивни скандали. Во однос на обвинувањата за корупција и нетранспарентност во работењето на општината, тој истакна дека граѓаните се свесни дека токму владејачката партија која стои зад овие неточни обвинувања, е симбол и школски пример за корупција.
Само кај нас во Македонија, може да имаме случај кога неуспешен градоначалник, на сомнителен начин унапреден во потпретседател на политичка партија на власт на својата мајка и помага да купи земјиште за луксузен хотел и тоа по багателни цени, токму во општина каде неговата партија е на власт. Или, пак случај каде отсуство од седница на владата може да биде земено како позитивна околност, а не како сомнеж за коруптивно дејство при продажба на земјиште на својата сопруга по нереално ниски цени – истакна Муцунски.
Градоначалникот тврди дека СДСМ без да сака прстот на одговорност го впериле во кадри што доаѓаат од нивната партија, затоа што бараат одговорност за документ чија изработка е иницирана во период кога со Општина Аеродром и со Советот раководеле нивните кадри.
Деталниот урбанистички план ЈИ09 блок 09.01, кој предизвика мноштво реакции во јавноста, а не само кај владејачката партија како што тврди Муцунски, предвидува изградба на девет нови згради. Покрај булеварот Србија според планот треба да се изградат три згради со приземје, шест ката и поткровје, на засега неурбанизиран простор каде во моментов има само плац за продажба на автомобили. Покрај булеварот 12 македонска бригада треба да се подигнат пет згради со дозволена катност од приземје, четири ката и поткровје, а на аголот помеѓу овие два булевари ќе се издигне висококатница од приземје, 10 ката и поткровје.
Просторот за овие девет згради претставува само 5 проценти од просторот опфатен во овој ДУП, додека остатокот од 95 осто е предвиден за индивидуално домување, односно „нацртани“ се постојните куќи.
Неодамна заврши јавната анкета на планот, а граѓаните во законскиот рок поднеле околу 150 анкетни листови со свои забелешки, кои допрва треба да се разгледаат од надлежните општински служби, па можеби дел од нив и ќе бидат прифатени.
Жителите на населбата Лисиче велат дека откако завршил процесот на поднесување анкетни листови сега се во очекување како ќе постапи Општината.
На потег се градоначалникот Муцунски и општината, дали ќе застанат во одбрана на градежната мафија и како до сега, преку соопштенија да пробуваат да се “перат” од фактот дека поради нив и се наоѓаме во оваа ситуација, или ќе се откажат од спорниот предлог ДУП и ќе сопрат со своите намери за тотална бетонизација на Лисиче – велат од иницијатива ,,Да го зачуваме Лисиче” додавајќи дека нема да отстапат од своите заложби и порачуваат дека во Лисиче нема место за згради и за уништување на спокојното живеење.