Муцунски: Посветени сме на евроинтеграциите – влезот во ЕУ е главната цел на државата

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски приреди пригоден настан по повод завршување на мандатот на шефот на Делегацијата на ЕУ во МК – амбасадорот Дејвид Гир.

Муцунски истакна дека главната цел на државата, останува да стане членка на Европската Унија што поскоро, и ги подвлече приоритетните задачи на надворешната политика, каде европската интеграција и остварување на полноправно членство, претставуваат врвен приоритет.

Навраќајќи се на долгиот период на нашиот ЕУ интегративен процес, истакна дека покажаната кооперативност и конструктивност од наша страна е препознатлив атрибут во водењето на процесот. Посебноста на нашето досие и искуството низ кое минуваме во пристапувањето кон ЕУ е посебен квалификатив, кој сметаме дека заслужува посебен третман и признание од земјите членки на ЕУ. 

Муцунски се осврна и на други приоритети кои ги имаме пред нас во остварувањето на стратешките цели: забрзување на процесот на пристапување во ЕУ, зајакнување на односите со нашите стратешки партнери, активна регионална соработка, обновување на довербата во државните институции и започнување на бескомпромисна борба против корупцијата, со владеењето на правото како водечки принцип.

Тој се наврати на соработката со Европската Унија и Европската Комисија, при што истакна дека поддршката и експертизата на Унијата се од суштинско значење за реформите, стабилноста и просперитетот на земјата, потенцирајќи дека како држава, високо ја цениме помошта која што доаѓа од претставниците на земјите членки на ЕУ и на ЕК, а партнерството со ЕУ ќе продолжи да се развива со исто темпо и врз основа на споделените вредности и принципи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот