
Муцунски: Ние сме „македонски свет“, не прифаќаме критики од оние кои попуштале на сите барања
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска изјави дека Владата води самостојна надворешна политика базирана на заштита на националните интереси и ја отфрли тезата дека земјата се движи кон таканаречениот „српски свет“.
Препорачано
– Ние сме македонски свет. Работиме на ширење на интересите на нашата надворешна политика – рече Муцунски, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата на Мароко, Насер Бурита.
Муцунски посочи дека критиките доаѓаат од поранешни функционери од претходната влада, „чие обележје било попуштање на секое барање од соседите“.
Како пример го наведе поранешниот претседател Стево Пендаровски, за кого рече дека во петгодишниот мандат имал девет средби со српскиот претседател Александар Вучиќ – повеќе од кој било друг светски лидер.
– Тие немаат легитимитет да ја критикуваат нашата надворешна политика. Граѓаните треба сами да одлучат дали веруваат во политиката на оваа Влада или во онаа на претходната предводена од СДСМ и ДУИ – додаде министерот.
Муцунски истакна дека актуелната Влада потпишала договор за партнерство во одбраната со ЕУ – прва од регионот, стратешки договори со Обединетото Кралство и Унгарија, и активно соработува со САД.
– Оваа Влада покажува резултати. Јас сум единствениот министер од Западен Балкан примен од државниот секретар Марко Рубио во Стејт департментот – рече Муцунски, нагласувајќи дека земјата останува посветена на стратешките цели, но мора да соработува и со сите соседи.
Поранешниот претседател Стево Пендаровски остро ја нападна актуелната власт, обвинувајќи ја дека „испраќа очигледни сигнали“ кон проектот „српски свет“ и, пошироко, кон проруско‑унгарскиот блок, наместо да ја вкотви Македонија на европскиот пат.
Во интервју за Лајм ТВ, Пендаровски потсети дека кабинетот на Зоран Заев „со сите негови маани“ – постигнал „крупен исчекор“ во меѓуетничките односи, што, според него, денешната влада го урива.
-Додека зборуваат за специјални економски врски со Виктор Орбан и за заеднички регион со Србија, молчат за коридорот 8, кој нè поврзува со две НАТО‑членки. Тоа не е европска матрица – порача Пендаровски, додавајќи дека „антизападната логика“ се гледа во приоритетот на коридорот 10 и запоставувањето на евро‑атлантските инфраструктурни врски.
Експретседателот предупреди дека ваквите политички насоки ја компромитираат позицијата на Македонија во преговорите со Европската унија и го релативизираат досегашниот меѓуетнички прогрес.