
Муцунски до ЕУ: Не ја претворајте интеграцијата на Македонија во заложник на билатерални прашања
Министерот Тимчо Муцунски нагласи дека Македонија останува цврсто посветена на европскиот пат, активно спроведува реформи и дека го имплементира Планот за раст на ЕУ, притоа истакнувајќи дека проширувањето мора да се темели на заслуги и на јасни критериуми.
На покана на министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово учествуваше и се обрати на работниот појадок со министрите за надворешни работи од Западен Балкан и со специјалните пратеници за проширување на Европската Унија, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Препорачано
Во своето обраќање, Муцунски ја истакна клучната улога на регионалната стабилност и на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, оценувајќи дека сегашните глобални кризи уште повеќе ја зголемуваат потребата од европска кохезија.
– Во свет на војни, безбедносни закани и економски шокови, Европската Унија и Западен Балкан имаат потреба еден од друг повеќе од кога било досега. Нашата стабилност е европска стабилност. Нашиот напредок е европски напредок – нагласи министерот во обраќањето.
Тој посочи дека Македонија останува посветена на европскиот пат и дека активно работи на реформите и имплементацијата на Планот за раст на ЕУ, истовремено нагласувајќи дека процесот на проширување мора да биде заснован на заслуги и на јасни критериуми.
– Проширувањето не смее да биде заложник на билатерални спорови или на прашања на идентитет. Ако тоа се дозволи, се ризикува не само застој на една земја, туку и губење на кредибилитетот на целиот процес – потенцираше министерот Муцунски.
Притоа, тој го нагласи значењето на регионалната соработка и ја поздрави улогата на специјалните пратеници на ЕУ, оценувајќи дека нивниот ангажман е клучен за одржување на вниманието кон регионот и за поттикнување практични решенија.
– Веруваме во дијалог, веруваме во компромис кога тој е фер и взаемен и пред сè, веруваме во визијата за обединета, стабилна и просперитетна Европа со Западен Балкан во нејзиното јадро – заклучи Муцунски.