
Може ли да има кохабитација меѓу градоначалникот и советите доколку се од различни партии?
Колку е можна кохабитацијата меѓу градоначалникот и советите на општините доколку се од различни политички опции и дали таа разлика ќе донесе напредок или назадување на квалитетот на животот? Тоа што градоначалникот е од една политичка опција, а мнозинството во советот од друга, може да влијае на разни начини и да донесе напредок преку натпревар во идеи и поголема контрола и транспарентност, но и назадување ако не се воспостави соработка.
Препорачано
Кохабитацијата е клучна за функционирањето на една локална самоуправа, затоа што градоначалникот, кој е пандан на премиерот во централната власт, му дава предлог-одлуки на Советот, кој ги усвојува со мнозинство, а без такви одлуки градоначалникот не може да направи ништо.
Сулејмани: Зависи кој каков менаџер е
Според аналитичарот Ризван Сулејмани, дали ќе има или ќе нема соработка меѓу градоначалникот и советот во која било општина, па и во Град Скопје, зависи од политичката култура, како и од политичкиот амбиент во моментот.
– Ако се заостри определена политичка ситуација на централно ниво, тоа ќе се рефлектира и на локално ниво, па може дури и да се блокира работата на општината. Ако советот не функционира, ако не може да се состане и да носи одлуки, има механизам да се распушти, но нема механизам за отповик на градоначалник. На овие избори имаме шаренолик состав на советите, има членови од поголеми партии, од помали партии, од разни групи гласачи и потребно е умешност да се управуваат сите тие сегменти и добро е што ќе биде потребен труд за да се обезбеди рамнотежа. Но, од многу фактори зависи дали оваа различност и спротивставеност ќе придонесе за натпревар на идеи во корист на граѓаните или ќе се претвори во рововска политичка битка, а најважен од сите фактори е умешноста на градоначалникот да менаџира со разни процеси и со разликите меѓу интересните групи. Секако, ова менаџирање треба да биде во интерес на граѓаните, а не на партиите, и нема да е добро ако управувањето се претвори во тргување со гласови, како што сме сведочеле во минатото. Од друга страна, градоначалникот сака да е успешен пред своите гласачи и негов интерес е да обезбеди да се носат одлуките. Нема генерална оценка, зависи од ситуацијата, но и од личноста на градоначалникот – вели Сулејмани за „Слободен печат“.
Тој додава дека по децентрализацијата, определени општини собираат големи буџети, градоначалничката функција станала поважна од министерската, а тенденцијата на овој процес е локалната самоуправа да стане стабилна четврта независна власт во државата, која ќе им овозможи на граѓаните подиректно да носат одлуки што лично ги засегаат во секојдневието.
– Овие избори, особено со резултатите во Куманово и во Карпош, покажаа дека на граѓаните им е важна личноста на кандидатот, а не партијата. На пример, ДУИ освои повеќе гласови од нивните кандидати, значи граѓаните ја подржаа партијата, но не и кандидатите – вели Сулејмани.
Давитковски: Кохабитација ќе нема
Според професорот од Правен факултет при УКИМ Борче Давитковски, кохабитација во денешните политички услови и со актуелното ниво на политичка култура не е можна.
– Кохабитација нема. Ако имаме околности во кои градоначалникот е од една, а мнозинството во советот од друга политичка опција, тоа е катастрофална ситуација. Ќе се блокираат, нема да усвојуваат одлуки, ќе ставаат сопки, ќе се пазарат, па дури ако треба нема ниту да го усвојат буџетот на општината или на Град Скопје. Проблемот кај нас е што според законите, пратениците и градоначалниците не може никој да ги разреши или отповика. Има механизам ако Советот на општината не го усвои буџетот, во тој случај Владата може да го распушти. Тоа не се случило досега кај нас. Но, најбитно од сè е што не постои можност да се отповика градоначалник, на пример со граѓанска иницијатива да се поведе постапка за негово разрешување ако не се задоволни. Јас не верувам во можна кохабитација во моменталната политичка ситуација, со партии кои го гледаат само својот партиски интерес. Не е можно тие да соработуваат во интерес на граѓаните, тие можат само да се пазарат меѓу себе, да си прават на ти-дај ми, да создаваат непринципиелни коалиции итн. На локално ниво владеат пајташи. Членовите ќе земаат по 10.000 денари хонорар по седница и ќе изигруваме локална демократија – вели Давитковски за „Слободен печат“.
Тој објаснува дека практиката покажува многу слабости на Законот за локална самоуправа, како и тоа дека не е потребно да имаме 80 општини затоа што некои од нив не ги исполнуваат условите да бидат засебна локална самоуправа, како на пример Центар Жупа каде што немаше цензус на изборите и се очекува Владата да назначи повереник. Според него, Законот за локална самоуправа е нефункционален во одредени области и мора да се менува.