
Мора на историската вистина да ѝ погледнеме в очи!
Никулците на модерната македонска диференцијална етнонација се посадени од родоначалниците татковци на македонизмот: Ѓоргија Пулески, Крсте Петков Мисирков и Димитрија Чупоски за кои и денешната бугарска историска наука признава дека застранувале во „македонистички води“ и покрај тоа што ги смета за Бугари.
Во моето неколкугодишно медиумско излагање, во кое коментирам собитија и настани поврзани со нашата земја Македонија најмногу поради актуелноста на проблемот сум говорел за заплетканите историско-национални, јазични, па дури би рекол и психолошко-емоционални односи со нашиот источен сосед Бугарија. Сум се трудел моите ставови да ги презентирам најобјективно колку дозволува ситуацијата, да се изземам максимално од мојата етничко-национална македонска припадност за да не бидам субјективен критичар, кој ќе изнесува полувистини, скриени настани, туку историски факти пред кои „и боговите молчат“. Неретко, поради тие мои ставови сум бил на отстрел на длабоко сензибилизираната јавност, „спружуван“ на столбот на срамот, навредуван, денунциран, шиканиран. Но нејсе, тоа повеќе ме мотивирало да ја говорам вистината, односно мојата „вистина“, бидејќи во општествените науки, особено во историската, апсолутна вистина и не постои.
Препорачано
Секогаш жестоко сум ги критикувал и со мал милион аргументи сум ги побивал и негирал апсурдните, антицивилизациски, антиевропски, би си дозволил да кажам и нацистички ставови на официјалната бугарска политичка елита и државно раководство во кое се тврдело дека „Македонците се вештачка творба на Тито и на Коминтерната“ и дека „македонскиот јазик е само дијалектолошка форма на официјалниот бугарски литературен јазик“, бидејќи не само што немаат ниту една реална, објективна и аргументациска подлошка тие патетични тврдења, туку се и научно соборливи. Сепак, од друга страна сум се спротивставувал и на тврдењата на македонски официјални историчари, политичари и аналитичари, кои самозанесени, егзалтирано пробувале да се натпреваруваат докажувајќи се кој е поголем „патриот“, изнесувале тотални небулози, полувистини, некогаш дури и отворени и дрски лаги од кои мене лично ми било срам. Моето тврдење дека македонската револуционерна организација има „бугарски“ карактер е поткрепено со тезата и со фактот дека првенствено името на организацијата е „Македоно-бугарско-одрински револуционерни комитети“ и дека во член два од Уставот е наведено дека „член на организацијата може да биде секој македонски Бугарин од територијата на Македонија“. Тоа е ноторен факт, кој може слободно да се провери во Државниот архив на Македонија, документациски и архивирано потврдено. Или, пак, што може јас да направам и да негирам, кога првиот претседател на Организацијата, д-р Христо Татарчев, во својот тестамент вели дека неговиот имот „доколку градовите Ресен и Кукуш по војната (Втората светска војна) останат во рамките на Бугарија да биде доделен на ресенската и кукушката општина соодветно“. Тоа е ноторен историски факт, кој дури и на македонската википедија за Христо Татарчев е официјално цитиран и потврден за историскиот лик што го сметаме за еден од великаните на нашата не толку далечна историја. Да не ги споменувам Кузман Шапкарев со неговите дела во кои нема да не го спомене зборот „бугарски, Бугарин, Бугарија“, или „Зборникот“ на браќата Миладиновци што во неговата изворна форма е „Бугарски народни песни“, каде што нашите карикатурално-гротескни историчари веќе со полуотворена уста тоа го признаваат правдајќи се дека просветителите биле „приморани“ од хрватскиот надбискуп Јосип Јурај Штросмаер да го напишат тој наслов за книгата да може да биде отпечатена во Хрватска. Нонсенс! Но, дали тоа значи или, пак, е аргумент дека ние сме биле Бугари, па потоа другарот Тито со магично стапче не претворил во Македонци преку ноќ, како добрата Самовила што ја претвори Пепелашка во принцеза?! Нормално дека не! Никулците на тоа што денес го знаеме, поимаме и се сметаме за модерна македонска диференцијална етнонација се посадени кон крајот на деветнаесеттиот и во почетокот на дваесеттиот век од родоначалниците-татковци на македонизмот: Ѓоргија Пулески, Крсте Петков Мисирков и Димитрија Чупоски, за кои и денешната бугарска историска наука признава дека застранувале во „македонистички води“ и покрај тоа што нормално си ги смета за Бугари. На фонот на нивните тези, размислувања и делувања, македонската еманципација за созревање и за национално освестување дека „ние не сме Грци, Бугари ни Срби“ се случила најмногу во периодот помеѓу двете светски војни, во кој младата македонска интелигенција, новата генерација македонски предводници била отсечена од папочната врска со Софија (како што било врзано, на пример, историското ВМРО), а наметнатата воено-политичка врска со Белград ја сметала за туѓа и не ја прифаќала. Оттука се родила, интелектуално се еманципирала и согласно новото време што ги носело новите предизвици се поставила кон идното решавање на македонскиот национален политички и државен статус, за во виорот на Втората светска војна тоа да го реализира на дело. Нешто што отсуствувало во минатото (Балканските војни) кога се кроела судбината на Македонија.
Долго време живеевме под еден национален историски превез пред нашиот поглед во минатото, креиран во едни други времиња кога политичко-идеолошки команден центар и владетел на ова што ние денес го знаеме и викаме Македонија (за некои Северна) бил Белград. И оттука е создадена таа официјална национална историја на Македонија, која денеска Бугарите ја проблематизираат, ставајќи ни вето за почеток на преговорите со Европската Унија. Нашите самонаречени историчари, што поради комплекс и фрустрации од нашето минато, што поради инфериорноста, но најмногу поради неверојатната леснотија на удобната комоција и материјалните привилегии кои таа ги носи, секогаш беа на страната на недокажаната вистина, со чест на ретки исклучоци. Во главите на (пот)просечните Македонци со елементарно непознавање на македонската национална историја создадоа целосен смут и искривоколчено толкување на сопствената историја, набивајќи им вечен комплекс на вечни жртви преку теории на заговор дека „светот нас нè мрази и сè е против нас“. Затоа и сме дојдени до ова дереџе денес!
П.С. На односниот господин кој ме набедува дека „одработувам за бугарските интереси“ имам само едно да му порачам: поголем работник за интересите на Македонија од мене нема! Според моите позиции, мојот светоглед и моите познавања на односната тема. Јас никогаш не сум бегал од вистината. Напротив, таа е една од моите највозвишени вредности што ги поседувам. Јас немам комплекс и национална фрустрација да се соочам со историските факти дека многумина од нашите револуционерни и просветителски дејци себеси се сметале за етнички македонски Бугари, но имам аргументи, доволно цврсти и силни, да објаснам зошто било тоа така. Само човек што не е сигурен во својот идентитет и во своите корени може да бега, да се плаши и да ја извртува историската вистина.