
Монструозно потценување на мајчините солзи
Мицкоски и власта, всушност, трагедијата во Кочани планираат да ја решат со предвремени парламентарни избори, на кои се надеваат дека ќе ја добијат довербата и тоа, според нив, ќе биде пресудно дали истрагата била селективна или неселективна
Не се плашиме, немаме што да изгубиме, нека нѐ апсат – викаа мајките на настраданите деца во Кочани, кои во саботата на протестот си ги отворија душите полни со болка. Уште кога се случи трагедијата, кога во кочанската болница им го соопштуваа најболното нешто што може да го чуе еден родител, ечеше „што ќе ми е мене животот сега“.
Препорачано
Нивната болка нема никогаш да исчезне, но станува уште поголема во обидот на власта да ги замолчи да тагуваат гласно, да бараат правда за секој што бил корумпиран, секој кому му се прогледувало низ прсти. Му се обраќаат на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и бараат одговори зошто полицајците им ја затвориле вратата и не ги пуштале да излезат наместо да им помогнат, бараат одговори зошто немало кислород во кочанската болница за децата што починаа од вдишување јаглерод моноксид.
Но, наместо одговори, никој од власта, ниту премиерот Христијан Мицкоски, ниту најповиканиот Тошковски, ниту претседателката Гордана Сиљановска Давкова, ниту републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, не излезе пред нив и не ги погледна в очи прво за да сочувствува со нивната болка, а потоа да им вети испорачување на правда.
Наместо тоа, стигнале закани до родителите да не зборуваат затоа што може да бидат обвинети што ги пуштиле малолетните деца во диско. Ги пуштија нивните партиски ботови на социјалните мрежи да ги линчуваат сите што кажале дека истрагата е селективна, а потоа на истите мрежи, го отворија прашањето какви родители се тие што ги пуштиле своите деца да шетаат по полноќ. Всушност, да ја префрлат вината врз родителите и малолетниците, но и врз оние што не се живи.
Но, не и на полицајците што по два часот правеле рација, кружеле еден час со „марицата“ околу дискотеката во дослух со сопственикот, не и на инспекторите, партиските големци што секојдневно замижувале пред нелегалното дувло, каде, како што кажаа родителите, наголемо се дилала дрога.
За претседателката на ДКСК најдоа докази на Вибер и на Ватсап како оддава тајни на обвинет во случајот „Адитив“. Но, во телефонот на газдата Деко и во неговиот тефтер не најдоа докази со кого сѐ комуницирал, кој му дојавувал и кој му дозволувал да работи 12 години нелегално. Деко сигурно не комуницирал со поранешниот министер Крешник Бектеши, со поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути, но тие се од ДУИ, а кампањата против нив треба да биде на најјако за да зголеми бројот на гласовите пред избори.
Додека родителите беа на протест, очајно барајќи нивниот глас да биде слушнат, власта се фалеше со анкета дека Мицкоски водел пред Филипче со 7:1, ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ со 5:1, а корупцијата повеќе не била најголем проблем за граѓаните. Истата оваа агенција пред само неколку недели склучила договор со Владата за 400 илјади евра за да прави анкети и да го мери мислењето и задоволството на граѓаните од работата на Владата.
Мицкоски и власта, всушност, трагедијата во Кочани планираат да ја решат со предвремени парламентарни избори, на кои се надеваат дека ќе ја добијат довербата и тоа, според нив, ќе биде пресудно дали истрагата била селективна или неселективна. Најлицемерно е што кога на Мицкоски му одговара, истрагата ја води јавниот обвинител по чија наредба Мицкоски е спремен и да го приведат. Истиот обвинител за кого Мицкоски може во секој момент да поднесе барање за разрешување.
А кога се зборува за килавото судство и обвинителство, пак, судиите и обвинителите имаат образ ѓон и тие се виновни за недовербата. Во таа борба за победа на изборите треба да се елиминира сѐ што не е според предизборната агенда. Па дури и мајките што го изгубиле најмилото. Но, власта не треба да ги потцени мајчините солзи. Ниту нивниот инстинкт дека ќе се борат да бидат казнети сите за кои пред свои очи гледале како се богатат нечесно.
Тие се виновни единствено што израснале чесни деца што ќе се враќаат да спасат што повеќе луѓе. И навистина овие мајки веќе нема што да изгубат. Но, ние имаме што да изгубиме, ако продолжиме да се бориме само за личната удобност и краткотрајна среќа, која нема да им остави подобро општество на нашите наследници. Ќе ги изгубиме другите деца во држава што се дави во корупција, која всушност е сржта на оваа трагедија и на сите претходно.
Утре мајките од Кочани ќе дојдат во Скопје, ќе побараат одговори од институциите и ќе испратат порака дека сакаат да бидат слушнати. Дека бараат јасно образложение за законската процедура и разбирање дека се на „работ на себеуништување“.