
МОН: Корисниците на е-дневникот мора да ги сменат лозинките поради безбедност
Родителите на ученици во основно и во средно образование како и наставничкиот кадар добија пораки дека треба да си ги сменат лозинките за влез во е-дневникот. Според пораката која излегува при отворање на е-дневникот промената на лозинката е „поради законска обврска за обезбедување на заштита на податоците и безбедност на системот“ и „сите корисници се должни да ја променат својата лозинка, во согласност со пропишаните стандарди за безбедност“.
Препорачано
Овој потег кај корисниците на е-дневник предизвика сомнежи дека станува збор за хакерски напад врз електронскиот дневник, но од Министерството за образование и наука уверуваат дека се работи на засилување на системот за безбедност.
„За сите случаи што се пријавени како напади на системи, со оглед на тоа што МОН води повеќе системи поврзани со остварување на воспитно – образовниот процес и на права во областа на образованието и науката, се испраќа барање за стручна проверка од страна на соодветни лица од МВР. Во врска со користењето на системите и нивна безбедност, секогаш се применуваат светските пракси. Параметрите за комплексност на лозинките го подигнуваат нивото на заштита од злоупотреби на ИТ системите и оттука произлегуваат и нашите препораки до сите корисници на електронскиот дневник“, соопштија од МОН за „Слободен печат“.
Препораките се, секој корисник да употреби сложена лозинка со должина од 12 до 16 карактери која нема да содржи предвидливи шеми, лични податоци или претходно користена лозинка.
„Пристапот и чувањето на лозинката е одговорност на самиот корисник и таа особено треба да биде висока кога се работи за системи што содржат лични податоци“, предупредуваат од МОН.
Декември е месецот кога електронскиот дневник интензивно ќе го отвораат и родителите и наставниците бидејќи тогаш се запишуваат полугодишните оценки на учениците од основно и средно образование, како и изостаноците и поведението на основците и средношколците.
Е-дневникот за првпат беше воведен во 2013 година и постоеја многу проблеми со неговото функционирање пред сè за наставниците кои имаа проблеми со внесувањето на податоците и оценките на учениците како и заведувањето на часовите, но и за родителите кои немаа увид во успехот на своите деца поради честите падови на системот, по што минатата година беше ажуриран, но првпат сега се бара промена на лозинките за влез во овој електронски систем.