Рамстор мол во Скопје / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Моловите во недела и на празник ќе работат до 20, а не до 18 часот: Смената ќе трае 10 часа, ќе се плаќа ли и прекувремената работа?

Во измените на Законот за трговија, без никакви дополнителни објаснувања и речиси молкум е вметнато продолжувањето на работното време за два часа, благодарение на вграден амандман предложен од група пратеници од власта. Ова не смее да помине, велат од ССМ.

Моловите во недела и на празник ќе работат до 20, а не до18 часот како што се зборуваше речиси цела година. Во измените на Законот за трговија, со кои за најголемиот дел од трговците неделата треба да биде неработен ден, без никакви дополнителни објаснувања и речиси молкум е вметнато продолжувањето на работното време за два часа, благодарение на вграден амандман предложен од група пратеници од власта. Ваквата новина се случи во средината на ноември, во тек на расправата во собраниските комисии – за европски прашања и законодавно-правната. Како што стои во предлогот, за кој пратениците треба да се изјаснат на пленарна седница – од 10 до 20 часот во недела ќе можат да работат продавниците, киосците и штандовите во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 квадратни метри.

„Слободен печат“ се интересираше што во практика ќе значи ова „продолжено“ работно време, дали ќе се однесува на само една смена, и како ќе бидат платени овие дополнителни работни часови за трговците кои ќе работат во недела? Прашањата се легитимни и логични, а бидејќи досега не сретнавме соодветни одговори, прашавме што за ова мислат во Сојузот на синдикатите, кој цела година преговара и притиска за прогласување на неделата за неработен ден.

– Ова не смее да помине, бидејќи воопшто не е дел од досегашните преговори. Напротив, излегува од рамките на договореното и ние имаме сериозни забелешки, за кои ако треба ќе се свика и Економско-социјалниот совет – велат од ССМ за „Слободен печат“.

Од она што досега е познато, за работењето во недела и на празници, продавниците во трговските центри во Буџетот, ќе уплаќаат 2 отсто од вкупниот промет, а собраните средства наменски ќе се користат за изградба на детски градинки. Во предложениот закон, останува членот со кој оние што ќе работат во недела ќе добиваат две дневници, односно уште најмалку 100 проценти за секој одработен час и еден слободен ден во текот на неделата. Но, ако во Законот влезе продолженото работно време, се поставува прашањето како ќе бидат платени работниците?

– На овој начин се отвораат повеќе дилеми. Ако се работи во една смена, тоа е десет часа, односно два часа плус, за кои работникот освен 100-процентна дневница ќе треба да добие плус 35 отсто од дневницата. Тоа, пак, ќе повлече и годишен бонус за работникот за прекувремена работа. Има многу недоречености и амандманот со кој е продолжено работното неделно време е вон сите досегашни разговори. Имаме сериозни забелешки на ова – децидни се од Синдикатот.

И од „Гласен текстилец“ велат дека не е добро законското решение за неделата како неработен ден. Оттаму велат дека нивната првична намера тргнала од жените вработени во маркетите и во трговските центри, на кои едвај една недела месечно им е слободна!

– И така требаше да биде. Неработна недела за сите, сè додека крупниот капитал не направи притисок врз власта и се „премислија“, дека моловите мора да работат за да не оделе луѓето на шопинг во Солун – реагираат од ова здружение.

Во недела би одморале 92 отсто од вработените

Според предложените законски измени, освен моловите во недела ќе може да работат и специјализираните продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност, продавниците на бензинските станици што продаваат храна, пијалаци и тутун, штандовите и киосците за време на спортски настани, фестивали, манифестации, саеми и на јавни проекции на кинематографски дела, продавниците за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалаци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата и зелените пазари. Инаку, со тие измени и за останатите вработени во државата се применува истиот принцип како и за трговците, со таа разлика што за работа во недела наместо двојна, ќе добиваат за 50 проценти зголемена дневница.

Од Министерството за труд и социјална политика, велат дека во неделите би одморале околу 92 процента од вработените.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот