
Модриците на бебето од Детска клиника можеби се од тромбоцитопенија, а не од одмазда за незнаење македонски јазик
Бебето кое имаше модрици на рацете по престојот на Детската клиника, имало наод за тромбоцитопенија – состојба на намалени тромбоцити од која се појавуваат модринки. Дека наодот за тромбоцитопенија постои и состојбата била констатирана на Детската клиника, за „Слободен печат“ потврдија тројца специјалисти од Клиниката, меѓу кои и директорот, доктор Реџеп Мемеди.
Препорачано
Доктор Мемеди вели дека модриците се на раката во делот каде што една од медицинските сестри го држела бебето, додека другата го боцкала, а дека тромбоцитопенијата која била претходно констатирана во наодот немала улога, затоа што крвната слика била повторно направена и немало веќе намалени тромбоцити.
Двајцата други доктори пак, не се согласуваат и ни рекоа дека кога постои тромбоцитопенија, можно е да се случи да се појават модрици и има поголема осетливост, а бебето во конкретниот случај било склоно и кон крвавења.
Директорот Мемеди денеска на Клиниката ќе се состане со стручната комисијата и ќе биде сослушана медицинската сестра обвинета од страна на семејството дека на бебето му предизвикала модрици намерно, како одмазда што мајката не знаела македонски јазик. Мемеди за „Слободен печат“ изјави дека одлуката на комисијата ќе биде позната денеска и ќе биде споделена со јавноста.
Но, информацијата потврдена со медицински наод за тромбоцитопенијата кај бебето, му дава сосема нов тек на целиот настан – дека тој има медицинско оправдување, а не меѓуетничка заднина. Според нашите информации, дел од членовите на Комисијата денеска на Мемеди ќе му кажат дека не сакаат да бидат дел од неа, бидејќи сметаат дека случајот е конструкција и дека секое идно незадоволство на некое семејство може да биде злоупотребено во меѓуетнички цели.
Инаку, на чело на одделот каде што било сместено бебето докторката е Албанка, па сигурно таа не би го дозволила наводното малтретирање на бебето, коментираат наши извори од Клиниката.
Дополнително, како што дознава „Слободен печат“, дедото на бебето и истата медицинска сестра во неделата на 7 јули, имале конфликт после кој морало да интервенира обезбедувањето. Според нашите информации, бабата на бебето дошла да помогне околу него во болницата и тогаш, бидејќи и таа не знаела македонски јазик, туку само албански, сестрата искоментирала околу тоа, што било дочекано бурно од семејството. Состојбата се смирила, ама во петокот при испис на новороденчето, семејството во болница викнало новинарска екипа и таму првпат ги презентирале своите обвинувања после кои состојбата ескалираше во еднострани обвинувања за медицинската сестра.
Медицинската сестра, според кажувањата на вработените во Детска клиника, има 15-годишно работно искуство во болницата и ужива висок професионален рејтинг во оваа јавно-здравствена установа. Таа никогаш порано не била предмет на дисциплинска постапка или поплаки, а вечерта кога излегоа обвинувањата за неа, била оставена да работи на дежурство на Клиниката, што сугерира дека никој вистински не стравува од тоа дека таа „ги повредува бебињата“.
Независниот синдикат на здравствени работници ѝ понуди правна помош на медицинската сестра откако таа беше обвинета за намерно предизвикување модринки на телото на бебето, како резултат на меѓуетничка нетрпеливост.
Како Независен синдикат, најостро ги осудуваме ваквите неосновани напади врз здравствените работници. На неправедно обвинетата медицинска сестра ѝ нудиме бесплатна правна помош, вели претседателот на Синдикатот Боби Бојчевски.
Инаку, министерот за здравство, Арбен Таравари, даде тежина на овој случај, на начин што непосредно по изнесените обвинувања од страна на семејството, беше да го посети семејството и потоа даде изјава во која истакна дека не сака да прејудицира одговорност кај медицинската сестра, ама сепак – најави одговорност во истата изјава.
„Не многу често среќавам ваков монструозен настан. Тримесечно бебе има траги од насилство на телото. Семејството тврди дека детето е малтертирано од страна на медицинската сестра бидејќи мајка му не знае македонски јазик.
Ако овој случај е вистина, тогаш сестрата ќе биде веднаш отпуштена. Што и да е вистината, сторителите на овој грозен и болен чин ќе бидат најдени и казнети. Одам на лице место за лично да се сретнам со семејството“, напиша Таравари на Фејсбук.
И политичката партија ДУИ имаше своја реакција во која на незавршена истрага рекоа дека „физичкото насилство е констатирано“.
„Скандалозното физичко насилство констатирано врз 3-месечно албанско бебе од етнички причини од страна на медицинскиот персонал на Детската клиника е неприфатливо, нечовечно и е последица на политичката немоќ на поразените на изборите кои секојдневно ги понижуваат Албанците.
Демократската унија за интеграција бара итна истрага и правна одговорност за сторителите на насилството и одговорност на носителите на фунцкиите без етнички легитимитет во Министерството за здравство и Детската клиника.
Вчерашните снимки од бебето полно со знаци на насилство ја згрозија јавноста, а оставката и одговорноста не треба да се одложат ниту миг – се вели во соопштението на ДУИ.