
Телефонот поважен од животот: Студент двапати пати во четири дена бил спасуван од планината Фуџи
Универзитетски студент (27) кој се искачил на планината Фуџи надвор од официјалната сезона за искачување бил спасен двапати во четири дена, откако се вратил да го бара својот телефон. Кинески студент кој живее во Јапонија првпат беше спасен со хеликоптер минатиот вторник додека се наоѓал на патеката Фуџиномија, на околу 3.000 метри надморска височина.
Препорачано
Не можел да се симне бидејќи ги изгубил дерезите, метални шиллци што се закачуваат на чевлите за подобро прилепување на замрзната земја.
Сепак, само неколку дена подоцна, тој повторно се вратил на планината за да ги земе своите работи што претходно ги оставил зад себе, вклучувајќи го и телефонот. Тој бил спасен по втор пат во саботата и неговиот живот сега е надвор од опасност.
Поради суровите временски услови, на луѓето не им се препорачува да се искачуваат на планината Фуџи надвор од официјалната сезона, која трае од почетокот на јули до почетокот на септември.
Сите патеки што водат до врвот на планината Фуџи моментално се затворени, соопшти Министерството за заштита на животната средина на Јапонија.
По второто спасување, полицијата повторно апелирала до планинарите да се воздржат од искачување вон сезона, бидејќи времето може ненадејно да се промени, што им го отежнува реагирањето на спасувачите. Исто така, медицинските станици долж патеките се затворени.
Некои корисници на мрежата „Икс“ го критикуваа студентот за игнорирање на безбедносните предупредувања, наведувајќи дека тој треба да ги плати трошоците за двете спасувања.
Планината Фуџи, со висина од 3.776 метри, е позната низ целиот свет по својата совршена конусна форма и е една од најпопуларните атракции во Јапонија. Поради огромниот број посетители, јапонските власти ги зголемија надоместоците за искачување во последниве години за да го контролираат бројот на туристи.