
Многубројни делегации во странство – бенефит или неизживеаност?
„Слободен печат“ прати прашања до Владата колку пари од буџетот се потрошени за цела делегација во Осака и во кое својство е замината дел од делегацијата, но одговор на овие прашања не добивме. Владата никогаш не ги објави трошоците ниту за другите патувања претходно, во Дубаи, многуте посети во САД…
Без протокол за тоа кој, кога и каде треба да патува, без транспарентност, без објавување на трошоците и без отчетност за ефектите, патувањата на многубројните делегации се гледаат само низ партиска призма дали ни се допаѓаат или не, вели за „Слободен печат“ комуникологот Бојан Кордалов по реакциите за бројната делегација што замина во Јапонија.
Препорачано
– Aко сакаме да го добиеме одржливиот одговор за тоа колкави делегации, каде и кога и во кој состав треба да одат, потребно е да се направи правило и практика, протокол по којшто ќе се водат институциите и да не важи од влада до влада, од опозиција до опозиција, туку тој да биде државен протокол. Кај нас секоја опозиција, вклучително и кога тоа беше сегашната власт, секогаш се фаќа за трошоците кога се во опозиција, а секогаш се бранат и ги оправдуваат направените трошоци за патување кога се на власт. И тоа не е државничка политика. Ние мора да имаме јасни правила кои не треба да зависат од тоа дали некој е на власт или во опозиција. Етичкиот кодекс мора да се базира на правен и протоколарен кодекс. Ова не е прашање на совест, ова е прашање на организација. Не постои држава во која не се патува, меѓутоа, тоа е секаде регулирано, има правила што се востановени и тоа се отчетни правила. Вие точно знаете кој, што, кога и за што платил и кои се ефектите. Вака ние постојано сме во замката на тоа низ партиска призма да гледаме дали ни се допаѓа некое патување или не – вели Кордалов.
Селфиња од Осака
Со селфиња од Осака во Јапонија, делегација што броеше повеќе од 10 члена, од министри до сопруги и портпароли, заминаа да ја претставуваат Македонија на саемот „Експо 2025“, но колку пари се потрошени за оваа посета од Владата, како и за сите други патувања не се соопштува.
Според официјалните информации од Владата, дел од делегацијата е замината на трошок на јапонската влада, дел си го платиле патувањето приватно, но најголем дел се на трошок на министерствата и Владата, односно на товар на даночните обврзници.
Патувањето на шефот на делегацијата Тимчо Муцунски, кој во Осака замина со сопругата, и патувањето на уште една брачна двојка, шефот на кабинетот на премиерот Владимир Нелоски и неговата сопруга, државата не ја чини ништо, велат од Владата.

– За министерот за надворешни работи и надворешна трговија и за неговата сопруга, како и за Неловски, кој е шеф на кабинет на премиерот, престојот е покриен од јапонската Влада и државата не ја чини ништо нивното патување, додека патувањето на сопругата на Неловски е покриено од приватни средства – велат оттаму за „Слободен печат“.
Додека вработените од култура останаа без плата за време на велигденските празници, патувањето на министерот за култура Зоран Љутков и на неговата шефица на кабинет Ирена Петкова на „Експо 2025“ е покриено од Министерството за култура и туризам.
Владата им го плаќа патувањето на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, на портпаролката Марија Митева, како и на Акан Махмут, националниот координатор за туризам. Со сопругата во Јапонија замина и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, чие патување го платило Министерството, додека неговата понежна половина си го платила патувањето со сопствени пари.
Образложението на Владата е дека учеството на светскиот саем било предвидено уште од минатата влада, односно во согласност со Планот за јавни набавки, со кој е предвидено македонското претставување во Јапонија. Според премиерот Христијан Мицкоски, трошоците за патувањето на делегацијата биле сведени на минимум.
– Она што оваа Влада го направи е тие трошоци за патување на таа делегација да бидат сведени на минимум. Бев поканет, заедно со уште двајца членови од мојот кабинет, на сметка на јапонската Влада. Поради обврски дома, јас не отидов. Во мое име, водач на делегацијата е господинот Муцунски. Голем дел од лицата сами си покриваат. Така што, верувајте, дека од тоа што било планирано пред една година и тоа што е сега, најмалку трипати се помали трошоците – рече Мицкоски.
Левица: Владиниот апарат станува алатка за лични „медени месеци“
Левица критикува дека делегациите на оваа власт се повеќе наликуваат на свадбени патувања со државна логистика – функционери со сопруги, службени патувања што мистериозно се совпаѓаат со туристички атракции, и сето тоа финансирано од народната каса. Очигледно владиниот апарат станува алатка за лични „медени месеци“, каде што државните интереси се само параван за раскошни уживања и неизживеани фотосесии.

„Шетањето на членови на семејството не е исклучок, туку правило за оваа власт. Потсетуваме на случајот со синот на Мицкоски, кој патуваше во САД, како и на сопругата на Африм Гаши во Вашингтон – за што Левица поднесе претставка, а случајот беше една од основите за интерпелацијата на Гаши. Истовремено, премиерот Мицкоски патува со бизнис класа, изнајмува приватни авиони поради ‘болки во колената’, а истовремено ја турка идејата за набавка на нов владин авион, што очигледно ќе служи не за државни итни случаи, туку за приватни прошетки на функционерите и нивните семејства“, реагираа од Левица.
Тие бараат итно, прецизно и јавно објавување на сите трошоци поврзани со патувањето, поединечно за секој член на делегацијата, со јасно објаснување која била потребата и импактот од неговото или нејзиното присуство во Јапонија.
„Слободен печат“ прати прашања до Владата колку пари од буџетот се потрошени за цела делегација во Осака и во кое својство е замината дел од делегацијата, но одговор на овие прашања не добивме. Владата никогаш не ги објави трошоците ниту за другите патувања претходно, во Дубаи, многубројните посети во САД, а не одговори ниту на прашањата „Слободен печат“ дали патувањето на делегацијата на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Валенсија, Шпанија, е покриен со владини или партиски пари.
Мицкоски беше и во работна посета на Обединетите Арапски Емирати каде што се сретна со шеици и бизнисмени. Во делегацијата беа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, генералниот секретар на Влада Игор Јанушев, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Гоце Димовски, националниот координатор за туризам Акан Махмут и претставници на неколку државни институции.
Најмногу посети Владата, предводена од Мицкоски, имаше во САД. На последната посета, Мицкоски се сретна со Александар Касаноф, заменик-помошник секретар за Западен Балкан. Тоа беше трета посета на македонскиот премиер на САД за многу кратко време. Првото патување во САД беше на НАТО-самитот во јули минатата година, а во јануари годинава присуствуваше на инаугурацијата на новиот американски претседател, Доналд Трамп.