Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Многу врева за ништо – од замрзнатите цени

Со петте заштедени денари од поевтиниот леб, десетте денари од замрзнатата цена на млекото и уште толку од тестенините, не може да купиме ни половина килограм кромид. Ќе си купуваме по една китка. За да ни течат солзи и без да го лупиме!

По повеќе од една година дивеење на цените, надлежните со замрзнувања по принципот „капка по капка“ се обидуваат да ја зауздаат инфлацијата, но малите поевтинувања нема да го ублажат ефектот, зашто владините мерки се задоцнети  и лошо спроведени. Единствениот коментар на граѓаните по секое пазарување е дека во трговијата се случува „чиста кражба“.

„Се грижиме за граѓаните“, „нема да ги оставиме сами во економско-енергетската криза“, се слоганите со кои Владата помпезно ги соопштуваше замрзнувањата. Министрите и премиерот дури ги проверуваа дуќаните да видат дали се почитуваат нивните одлуки. Задоцнето и премалку за најсиромашната земја во Европа. Најголем дел од македонските граѓани мораат да ја намалат потрошувачката. Ја загубија трката со поскапувањата, па трошат и од своите заштеди.

На властите им требаше повеќе од една година за да измерат и да пресечат што е основен прехранбен производ. Вториот лош потег беше што одлуките за замрзнување не беа проследени со стриктна наредба за квоти што производителите мора да ги исполнат за да не се случи дисбаланс на домашниот пазар. Додека министрите се думаа, производителите го искористија моментот – натрупаа залихи, ги скрија производите, чекајќи да се случи недостиг за да реагираат по драстично повисоки цени (пример – маслото за јадење). Последниот „празен од“ се случи со пекарниците, кои штрајкуваа три дена, оставајќи ги рафтовите без основниот бел и полубел леб, гневни од одлуката на Владата. А сè можеше да биде многу поелегантно, ако двете страни покажеа доблест да се договорат како тоа да го изведат побезболно.

Речиси секоја европска влада направи нешто за да ги заузда трговците што остварија профити со шпекулативни активности. Француската потпиша „антиинфлациски договор“ со дел од трговските синџири и направи селекција на основните производи што ќе се продаваат по ниски цени. Црногорските власти се договорија со шест трговски синџири, со цел да понудат пониски цени за 25 основни производи. Во Хрватска објавија црни трговски листи, откако на крајот од 2022 година беа плафонирани цените на маслото, свежото млеко, брашното, шеќерот, меленото месо… Грчката влада им нареди на трговците дека мора да имаат „соодветно прифатлива цена“ за барем еден производ во секоја категорија. И така натаму.

Јасно е зошто производителите приговараат дека замрзнувањето на цените не е пазарно решение, а товарот на кризата не смее да го носи само една индустрија, туку да се распредели врз грбот на сите по малку. Потпретседателот на Стопанската комора на Македонија Зоран Јовановски отвори и едно прашање, кое со години се турка под тепих. Тој јасно и гласно порача дека „популизмот е роден, а бизнис-секторот на крајот го плаќа“. Според него, државата може да интервенира во време на криза, но треба да дава финансиска помош само на семејствата на кои им е потребна. Замрзнатата цена на лебот ја користат и тие што немаат пари и оние што можат да платат пет пати поскап леб. Зошто и ним да им е достапен лебот со субвенционирана цена, праша Јовановски?

Со петте заштедени денари од поевтиниот леб и десетте денари од замрзнатата цена на млекото и уште толку од тестенините, не може да си купиме ни половина килограм кромид. За да ни течат солзи и без да го лупиме!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот