
Младите од Алијанса на Таравари бараат вистинска застапеност на Албанците во администрација
Младинскиот форум на Алијансата за Албанците – крилото на Арбен Таравари, изразува длабока загриженост и револт поради тековниот процес на деалбанизација на јавната администрација. Оттаму велат дека неодамна објавените податоци за вработувањето во државните институции сведочат за систематска и намерна дискриминација врз Албанците, кои се отворено исклучени од можностите за вработување и унапредување во државните структури. Со постапките на оваа влада, велат дека се задаваат директни удари врз меѓуетничката кохезија и граѓанската рамноправност.
Препорачано
„Во едноставна нумеричка анализа, од вкупно 205 неодамнешни вработувања и унапредувања во институции како што се: Заводот за статистика, Државниот архив, Управата за јавни приходи, Министерството за култура, Централниот регистар, Царината, Хидроелектраните во Струга, Маврово-Ростуше и Спиле Дебар, а неодамна и во РЕК Битола, само двајца Албанци се вработени или унапредени во овие институции, наспроти 205 Македонци. Оваа алармантна диспропорција е јасен показател за намерна политика за намалување на застапеноста на Албанците во администрацијата“ велат од Младинскиот форум на АА.
Оттаму додаваат дека одговорноста паѓа директно врз првиот вицепремиер, Изет Меџити, кој, според нив, не успеал да ги заштити интересите и застапувањето на Албанците во владата.
„Неговото недејствување во однос на оваа отворена дискриминација го прави соодговорен во овој опасен антиалбански и антиевропски процес. Вицепремиер кој не реагира кога Албанците се исклучени од институциите, не ги претставува Албанците!“ порачаа тие.
Од Младинскиот форум на АА ги повикуваат сите млади Албанци да не го прифаќаат молчењето како нормалност и да не стануваат жртви на манипулациите на еден стар систем со нови актери. Порачаа дека рамноправноста не се дава, туку се добива преку реакција, организирање и постојан притисок.
Бараат транспарентност, вистинска застапеност и целосна еднаквост во секоја институција.
„Доколку ова не се гарантира, тогаш младите ќе реагираат со сите демократски средства за да го запрат овој опасен процес. Иднината на Албанците нема да се гради врз молчењето на вазалите, туку врз гласот, организирањето и решителноста!“ порачаа младите од АА.