Фото: Слободен печат

Младинскиот арт фестивал „Битола отворен град“ 22 години ја промовира урбаната култура во Битола

Со цртање на графити од млади битолчани менторирани од уметници коишто денеска цртаат на ѕидовите во битолските училишта „Таки Даскало“, „Стив Наумов“ и Градинката „Пролет“, во Битола започна 22 издание на Младинскиот арт фестивал „Битола отворен град“ во организација на Младинскиот културен центар Битола.

Програмата на годинашното издание на Фестивалот е богата со креативни работилници, уметнички интервенции на јавен простор, журки со диџеи на зајдисонце, изложби и концерти на локалната младинска музичка сцена.

-Битола годинава е како сцена за младите уметници од една страна, а од друга страна експериментираме со новите урбани простори во градот. Оваа иницијатива не поттикна бидејќи видовме дека на ѕидовите на битолските образовни институции има говор на омраза, затоа решивме за почеток да направиме уметнички интервенции на тие простори, а потоа ќе интервенираме и на други јавни простори каде што има говор на омраза. Така и го нарековме денешниот ден „Уметнички крик против говорот на омраза преку графити и цртежи“. Сакаме Битола да ја претставиме како урбана уметничка сцена. Исто така, во дворот на МКЦ Битола ќе се претстават млади уметници коишто се занимаваат со фотографија, графика, млади уметници ќе цртаат графити-рече на денешната прес-конференција Маја Ангеловска програмски менаџер во МКЦ Битола.

Она што е специфично годинава за Фестивалот „Битола отворен град“ е оживување на нови простори каде што досега не се одржувале настани. Таков еден музички настан ќе се одржи кај местото познато како „Соколана“ во Битола, со диџеј од Шпанија.

Инаку, големиот музички хепенинг, заштитен знак на Фестивалот „Битола отворен град“, ќе се одржи в сабота, на 24 јуни во Градскиот парк.

-Ќе настапат три музички групи. Прв настап ќе има рок бендот од Битола „Lucent“ кој слободно можам да речам дека држи лекции за моќна музика. Со нивниот настап прво даваме поддршка на локалната музичка сцена. Потоа ќе настапи и бендот „Arumbo“ од Барселона Шпанија со членови од Белгија и Каталонија со весели песни, специфичен кадифен женски вокал. Нивните настапи се со танцувачка атмосфера. После подолго време како Фестивал излегуваме од Балканските рамки и овој бенд за првпат ќе настапи во Македонија. Третиот бенд е „Repetitor“ од Србија еден од најдобрите балкански рок бендови и се вистинска атракција за публиката. Станува збор за моќно трио кое е специфично што неговата ритам секција е составена од девојки кои праќаат силни пораки кон публиката-истакна Златко Талевски извршен директор на МКЦ Битола.

Младинскиот арт фестивал „Битола отворен град“ во организација на МКЦ Битола ја промовира пред сè урбаната култура во Битола

-Кога во 2002 година го одржувавме првото издание ниту размислуваме за тоа колку долго ќе трае овој фестивал, но времето најубаво покажа дека е еден од најдолготрајните фестивали кои не се целосно финансирани од буџетски средства, што во едни транзициски времиња е тешко да се одржи. Морам да истакнам дека волонтерите се секогаш движечката сила на сите 22 изданија на Фестивалот „Битола отворен град“. Битола имала и ќе има авангардна младина и критична маса подготвена за големи предизвици-рече на денешната прес-конференција, директорот на МКЦ Битола, Сашо Додовски.

Инаку, сите настани на Фестивалот „Битола отворен град“ се на отворено и бесплатни за посетителите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот