Митрополит Петар: Велигден е живо присуство на Божјата сила која секогаш е со нас

Велигден не е само сеќавање на некое историско случување од минатото, туку е живо присуство на Божјата сила која секогаш е со нас, која нè води, која нè облагородува и која нè ослободува. Во таа смисла, ние не сме само сведоци на Христовото Воскресение, туку и негови учесници, истакна митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски Петар.

За време на празничната богослужба пред верниците во битолскиот Храм „Св. Великомаченик Димитриј“, митрополитот Петар нагласи дека Велигден е и ден на радост, ден на љубовта која го опкружува секој човек. Таа љубов не познава граници, не познава време, не познава националности, не познава никакви разлики. Таа е чиста и несебична, безусловна и спасоносна.

-Христос ја понесе единствената вистинска победа во овој земен свет, победата над смртта. Зашто никој не е посилен од смртта, никој од луѓето, никој од Ангелите, никој од демоните, туку само Он – Воскреснатиот Господ Исус Христос. Затоа Христовата победа е единствена победа на која можат да ѝ се радуваат сите човечки битија, од првородениот до последниот. Само Христовата победа е како Сонце, кое пушта светли зраци на сите оние кои стојат под него. Само Христовата победа ги исполнува сите човечки срца со неподелена радост. Само таа е без злоба, само таа е полна со љубов, истакна митрополитот Петар.

Поздравувајќи ги верниците, митрополитот Петар нагласи дека на Велигден, се потврдува дека страдањата и искушенијата во овој живот, иако неизбежни, се привремени, додека славата и радоста во Царството Божјо се вечни. Овој светол празник не само што ја потврдува победата Христова над смртта, туку и поттикнува, секој човек да ја доживее таа победа во своето лично постоење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот